Неизвесноста околу гасот и струјата натера многу домаќинства оваа година да бараат алтернативен начин за греење. Многумина се свртуваат кон греење на дрва и јаглен, поради што треба да ја проверат состојбата на оџакот, па така побарувачката за услугите на оџачарите во Скопје скокна до 30 проценти и се формираа листи на чекање.
Скопјанката Весна како и пред стартот на секоја грејна сезона, која за затоплување на својот дом користи дрва, така и оваа, контактираше една од скопските фирми кои се занимава со чистење оџаци, но била изненадена од терминот кој го добила, за кој треба да чека речиси две недели.
– Претходните години кога ги повикувавме оџачарите да дојдат, максимум за 3-4 дена добивавме термин за извршување на услугата. Но сега се изненадив кога ми рекоа дека термин ќе имам дури на 3-ти следниот месец. Кога ги прашав зошто толку многу се чека, ми одговорија дека се пребукирани и дека немаат ништо слободно пред тој датум – вели Весна за Плусинфо.
Плусинфо стапи во контакт со една од најстарите компании во градот за чистење оџаци за одржување котларски системи, „Оџаци“ која е во сопственост на браќата Благоја и Ѓуро Поповиќ, а е формирана во 1991 година.
Ѓуро Поповиќ истакна дека поради енергетската и економска криза во која во моментов се наоѓа земјава, кај нив е забележано значително зголемување на работата, дури до 30 проценти.
– Има премногу работа, имаме три екипи кои дневно интервенираат во просек на шест оџаци, а тоа значи дека тоа се вкупно 18 интервенции. Во принцип овој период отсекогаш имаме работа, но мислам дека кризата ги принуди скопјани повторно да ги исчистат оџаците и да имаат уште еден резервен начин на греење или повторно да се вратат на претходниот начин на затоплување на домовите, а тоа е со дрва или јаглен – ни изјави Поповиќ.
И покрај предупредувањето дека оџаците треба да се проверуваат во текот на летото, многумина оваа обврска ја оставија за последен момент. Затоа Поповиќ вели дека доаѓањето на оџачарите во Скопје трае и повеќе денови. Тој додава дека штом ќе залади, бројот на повици се зголемува.
– Има многу запуштени оџаци, бидејќи не се користени долги години. Имаше дел од граѓаните кои се префрлија на затоплување на домовите со инвертер клима-уреди, па поради субвенциите им беше забрането да користат други вид затоплување на домовите, но сега и тие повторно се активираат, бидејќи неизвесноста ги принудува да бараат и друга опција, доколку има рестрикции со струјата, домот да им биде затоплен во зимските денови – додава Поповиќ.
Како што спомена во разговорот сопственикот на „Оџаци“, граѓаните се еснафи луѓе и навремено ги извршуваат своите обврски, затоа што знаат дека со чистењето на оџакот спречуваат опожарување и други несакани последици, енергетското гориво се штеди и преку 20 проценти, испораката на топлотна енергија е поголема, се зачувуваат димоводните уреди за подолг временски период, како и заштитата на животната средина преку намалување на штетните гасови во воздухот.
Но проблемот, според него, е кај сите јавни институции кои користат мазут како гориво за затоплување, бидејќи нередовно се чистат котларските системи, а со тоа тие дополнително придонесуваат за загадување на животната средина.
– Правните субјекти и јавните институции (болници, училишта, градинки и други) кои имаат сопствено централно греење, може да се каже дека се најголеми загадувачи, а се законски регулирани за редовно одржување на котларниците и оџаците. Меѓутоа, дали 2 проценти од нив се придржуваат на законот. Доколку тие се придржуваат на законската регулатива ќе има значително намалување на загадениот воздух, затоа што не може да се каже дека само домаќинствата загадуваат, бидејќи тие дури и по два пати ги чистат оџаците, тоа се луѓе домаќини и знаат дека мора да го прават тоа – вели Поповиќ.
Како што нѐ информираше сопственикот на оваа семејна компанија, за чистење на оџак во куќа која е само со приземје нивната услуга чини 1.500 денари, а за секој нареден кат се доплатува плус 500 денари. Или за прв кат 2.000, за втор кат 2.500 денари, но со потврда од кај нив скопјани може да си повратат дел од средствата од субвенциите на Град Скопје кои се одвоени токму за оваа намена.
Како што е веќе познато Град Скопје оваа година го објави повикот за субвенции за одржување на оџаците на домовите, а почна од 22. 6. 2022 година, вклучувајќи ги реализираните активности за чистење оџаци од 1. 1. 2022 година заклучно со 30. 11. 2022 година, односно до искористување на средствата предвидени за оваа намена со буџетот на Град Скопје за 2022 година.
Субвенциите се однесуваат на жителите на град Скопје (општини Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај), а се валидни за чистење на оџакот на истата адреса по личната карта.
Максималниот износ на субвенцијата изнесува 1.200 денари, а персоналниот данок на доход е на товар на Град Скопје, а пријавувањето трае до крајот на следниот месец.