Британскиот милијардер и сопственик на Тотенхем Џо Луис (86) е обвинет во Соединетите Американски Држави за инсајдерска трговија.
Според американските и британските медиуми, Луис е обвинет за 19 точки за измама и заговор со хартии од вредност, за што му се заканува затворска казна до 25 години.
„Тој користеше привилегирани информации што им ги даваше на своите романтични партнери, пријатели, лични асистенти, приватни пилоти. Тоа е класична корпоративна корупција, тоа е мамење и е незаконско“, рече американскиот обвинител за јужниот округ на Њујорк Демијан Вилијамс во видео изјава.
Вилијамс истакна дека Луис „го злоупотребил пристапот до корпоративните одбори“ за да сподели привилегирани информации.
„Овие луѓе потоа тргуваа со инсајдерски информации и заработија милиони долари на берзата“, додаде Вилијамс во видеото објавено на Твитер.
Адвокатите на Луис рекоа дека „енергично ќе го бранат од лошо замислени обвинувања“.
Луис важи за еден од најбогатите Британци, со имот вреден околу шест милијарди долари.
Неговата холдинг компанија ENIC купи мнозински удел во Тотенхем во 2001 година од тогашниот сопственик Алан Шугар, уште еден познат британски тајкун.