Сивата економија е преселена на интернет – се продава сѐ и сешто, не се плаќа ниту денар данок

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Производството на торти и колачи во домашни услови, изработката на накит, поставувањето кафемати, како и онлајн шопингот ќе се оданочуваат паушално, најави директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова во интервју за порталот Република.

Пред да се воведе данокот, Петрова вели дека ќе се оди со информирање на даночните обврзници.

– За овие дејности има законски начин на оданочување, односно т.н. паушално оданочување на дејности од времен карактер. Но, очигледно затаиле некои механизми штом има толку многу неоданочени даночни обврзници. Прво ќе се оди кон информирање на даночните обврзници и нивните обврски. Паушалот ќе биде различен, ќе се прават пресметки, во зависност од местото каде што се врши дејноста, бројот на часови, односно сразмерно на приходите што може да се остварат од вршењето на дејноста – вели Петрова.

Таа најавува дека ќе оданочуваат и сите што продаваат производи преку Фејсбук и Инстаграм.

– Сега сивата економија од пазарите и улиците се префрли на интернет и оваа област бара засилен фокус на УЈП преку информирање кои се нивните законски обврски а потоа и контроли. Како едно среднорочно решение за онлајн трговијата е планирано во рамките на системот за е-фактура да бидат приклучени сите тие продавачи преку законска обврска. Документите што ќе се издаваат за еден таков реализиран промет да бидат фискализирани, што значи дека пред да бидат издадени на купувачот да поминат низ системот на УЈП – вели Петрова.

Овие активности на УЈП, според Петрова, се дел од најавената борба со даночните затајувања и криминалните даночни измами.

– Надлежните служби во УЈП ми обезбедија податоци кои покажуваат дека повеќе од 2.500 даночни обврзници немаат поднесени даночни пријави за ДДВ за првите 5 месеци од годината. Имаме повеќе од 800 даночни обврзници кои не поднеле даночни биланси за 2023 година. За секој месец од почетокот на годината има над 5.000 работодавачи кои не поднеле месечна пресметка за интегрирана наплата. Тоа значи дека во тие случаи данокот (ДДВ, данок на добивка, данок на личен доход за плата) и придонесите не се пресметани, не се пријавени и не се платени. Друга индикација дека има данок или приходи што се губат и не влегуваат во државниот трезор ни покажува и самата структура на прометите што се прикажани во ДДВ пријавите. Ако ги сумираме податоците од сите ДДВ пријави и ги гледаме како една збирна пријава на ниво на цела држава, повеќе години наназад во таа вкупна пријава речиси секој месец имаме вишок ДДВ за враќање/поврат, наместо ДДВ долг за плаќање. Тоа се нарекува негативен даночен ефект. Да го појасниме ова поедноставно. Во ДДВ пријавите во првиот дел се искажува реализираниот промет и ДДВ што се должи за тој промет, а во вториот дел се искажува влезниот промет, набавките за кои е платен ДДВ. Разликата меѓу ДДВ што се должи и платениот ДДВ за влезниот промет на крајот на месецот или кварталот е или разлика за доплата/долг, или повеќе платен ДДВ за поврат. Значи, повеќе години наназад, во сите региони и на ниво на цела држава, збирната даночна пријава покажува дека завршуваме со вишок ДДВ за поврат. Вишок ДДВ за поврат вообичаено имаат компаниите кои извезуваат, компаниите кои се во инвестиции и сл. Но ако е ваква вкупната состојба на ниво на држава, тоа изгледа како нашата економија, нашето стопанство да не создава додадена вредност за оданочување – вели таа.

Петрова вели дека оваа состојба е сериозна индикација на која треба да се посвети значајно внимание, индикација и прашање дали прометот и данокот во ДДВ пријавите се пријавени точно и целосно, или имаме помалку пресметан, непријавен и неплатен ДДВ и помалку собрани даночни приходи во државниот трезор.

– Оваа информација особено треба да се земе во контекст на случувањата во блиското минато кога имаше злоупотреби и измами со ДДВ повратот и оштетување на буџетот. Едноставно вкрстување на податоци во даночните биланси покажа дека има една група даночни обврзници кои во минатите години искористиле даночни олеснувања повеќе отколку што можеле и со тоа платиле помалку данок на добивка – вели директорката на УЈП.

- Advertisement -
Ad image

Покрај ова една од шемите за неплаќање на даночните обврски е и преку злоупотреби во регулативата и процесите за регистрирање и дерегистрирање на компании и сл.

– Очигледно е дека постојат „дупки“ каде што се губат даночните приходи заради различни состојби кои претставуваат даночно избегнување и затајување преку непријавување или прикривање на приходи и промет, погрешно и извртено толкување и примена на регулативата, користење на празнини во регулативата и сл. Затоа најавив силна борба против сите вакви форми на даночно избегнување и даночни измами. УЈП мора да обезбеди рамноправни услови во кои чесните даночни обврзници нема да го носат товарот на полнење на државниот трезор за сметка на другите кои не го плаќаат својот данок. Оваа борба ќе вклучи различни мерки за зајакнување на програмата за даночната контрола, наплатата на заостанатите долгови и санкциите, сѐ до одговорност и казни за секој поединец што презема дејства со кои ги оштетува народните пари заради противправно стекнување лична имотна корист – вели Петрова.

Share This Article