Доаѓаме до точка од која нема враќање во Газа, каде што очигледното непочитување на меѓународното хуманитарно право ја корумпира нашата колективна свест, предупреди денеска агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци, УНРВА.
„Во тек е уште еден бран на раселување, а хуманитарна катастрофа е веднаш зад аголот. Илјадници Палестинци се преселија во сè потесната Рафа, очајни за храна, вода, засолниште – молат за совет каде да најдат безбедност“, предупредува УНРВА.
Генералниот комесар Филипе Лазарини побара дополнителни средства.
Државите мора да најдат политичка волја да стават крај на оваа трагедија. Ако не дејствуваме сега и не го запреме масакрот, тоа засекогаш ќе го наруши нашиот кредибилитет како претставници на меѓународната заедница и ќе поттикне бескрајни циклуси на насилство што на крајот ќе нè зафатат сите нас, посочи тој во изјавата.
Агенцијата наведува дека 133 нејзини работници се убиени од 7 октомври, додека „од почетокот на војната биле пријавени 129 инциденти во просториите на УНРВА, а некои објекти биле повеќекратно погодени“.
Се додава дека „34 објекти на УНРВА биле директно погодени, а 57 објекти претрпеле колатерална штета.