Ситуацијата на границите на Белорусија и Полска се влошува. Полска ја прогласи Белорусија за непријателска држава и одлучи да ја зголеми силата на својата армиска група на границата на 10.000 луѓе.
Според информациите од полското Министерство за одбрана, 4.000 војници директно ќе им помагаат на граничарите, а останатите ќе бидат ставени во резерва во пограничните зони.
Заради актуелната ситуација и опасноста од прелевање на воените дејствија, Полска го зголемува и капацитетот на вооружените сили од сегашните 170.000 луѓе, на 300.000 луѓе во наредните две години.
Заменик министерот за надворешни работи на Полска, Павел Јаблонски изјави дека очекува обид за пробивање на територијата на земјата. Според него, источните соседи на Полска „ќе се обидат да покажат дека можат да прават што сакаат“.
Слични активности преземаат и другите земји во регионот. Летонија воведе засилен режим на безбедност на границата, Литванија затвора дел од граничните премини. Експертите велат дека во вакви услови се зголемува ризикот од вооружена ескалација.
Снајпери и хеликоптери во состојба на готовност
Во јули годинава, Полска веќе распореди две армиски бригади на границата со Белорусија, а раководството на полските вооружени сили најави прераспоредување на снајперски групи поблиску до границата со Белорусија. Командата објави и снимка на која се прикажани војници со снајперски пушки.
Варшава, исто така, префрли дополнителна опрема во пограничната област. Распоредени се и борбени хеликоптери во непосредна близина на Белорусија. Соопштено е дека хеликоптерите се поставени на две позиции и дека се подготвени веднаш да одговорат на секоја закана.
-Хеликоптерите се вооружени и подготвени за борба. Пилотите се многу искусни, бидејќи користеле воздушно оружје и ракети во Авганистан и Ирак. Доколку се случат вознемирувачки настани, без двоумење ќе отворат оган – изјави послкиот генерал Марек Соколовски.
„Празни зборови“ и услови за добрососедски односи
-За подобрување на меѓусебните односи, Белорусија мора да ги исполни условите и барањата што ги поставува Полска – изјави во саботата полскиот заменик-министер за надворешни работи Павел Јаблонски.
Овие забелешки дојдоа како одговор на повикот на белорускиот претседател Александар Лукашенко за подобрување на врските и односите меѓу двете соседни земји.
Јаблонски изрази скептицизам за изјавите на Лукашенко, сугерирајќи дека повикот на белорускиот лидер се всушност, само „празни зборови“.
-Во овој момент, додека зборуваме, има постојани напади на полската граница. Тоа се празни зборови, такви изјави повторно слушаме, но зад нив нема никаква суштина – изјави Јаблонски за полските медиуми.
Литванија ја затвора границата со Белорусија?
Слични сценарија се забележани и во балтичките земји. Во Литванија беше најавено дека граничниот контингент ќе биде зајакнат, бидејќи ќе биде испратен воен персонал за помош на граничарите. Во исто време, не беше прецизирано точно колку војници ќе бидат преместени поблиску до Белорусија.
Паралелно, Литванија во целина ги зајакнува своите вооружени сили. Така, Вилнус очекува испорака на 200 американски теренски возила и 300 воени теренски возила, а следната година се подготвува да добие и MLRS HIMARS и муниција за нив. Дополнително, се модернизира воената инфраструктура, а особено се реновира воздухопловната база Зокњај. Сега на него се базира НАТО патролата од неколку ловци, а во иднина тука ќе биде сместена голема авијациска формација.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа најавува целосно затворање на границата со Белорусија. Според него, Полска, Литванија и Летонија ќе мора заедно да ги блокираат сите сообраќајни врски доколку безбедносната ситуација се влоши. Веќе на 15 август престануваат да работат два од шесте литвански контролни пунктови.
Од 11 август, Летонија ја зајакна граничната контрола со Белорусија. На помош на граничарите им се приклучени вооружените сили и полиција. Воведен е посебен режим за шест месеци. Во тие рамки безбедносните сили, добија и дополнителни овластувања.
Лукашенко ги обвинува САД и НАТО
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, смета дека Полска не ја ескалира ситуацијата сама по себе, туку на тоа е притисната од САД, кои се заинтересирани да одржуваат постојана тензија на границите на Унијата.
Во слична насока се и обвинувањата од Москва.
-Гледаме дека се случува милитаризација на земјите од НАТО, се повлекуваат дополнителни војници и опрема до границите на Русија и Белорусија, се вршат се повеќе различни вежби. Ова е општ тренд, не можеме да зборуваме за некои приватни иницијативи на Полска, Литванија и Латвија. Тоа е планирана кампања координирана од Вашингтон – вели Владимир Шаповалов, заменик директор на Институтот за историја и политика на Московскиот државен педагошки универзитет.
Од друга страна, Полска предупредува на сериозна закана. На крајот на јули, Варшава објави дека стотина борци на воената групација Вагнер биле распоредени во пограничниот регион. Тие, наводно, биле поставени во близина на коридорот Сувалки – мал дел од полско-литванската граница меѓу руската област Калининград и Белорусија.
Покрај тоа, во Полска и балтичките републики се зборува за зголемување на миграцискиот проток од Белорусија. На пример, од почетокот на оваа година, регистрирани се 19.000 обиди на бегалци да ја преминат полската граница, што е значително повеќе во однос на лани кога во текот на целата година се регистрирани 16.000 обиди за влез во државата. Полските власти изразија сомнеж дека дел од борците на Вагнер се обидуваат да влезат во земјата како мигранти.
Реална опасност или полска провокација?
Засилените одбранбените активности во пограничните области, според руските аналитичари повеќе е провокација од Полска отколку реална опасност.
– Некои од полските војници може да се обидат да ја преминат границата или да пукаат во нивните белоруски колеги. Медиумите оваа приказна ќе ја претстават во обратен редослед – како агресија на Белорусија. Тогаш ќе започне информативната промоција на инцидентот, полските политичари ќе се обидат уште повеќе да го соберат електоратот околу себе. Но, ситуацијата ќе биде крајно опасна, може да се претвори во неконтролирана ескалација – истакнува претседателот на Руската асоцијација за балтички студии, Николај Межевич.
Без разлика кој прв почнал или кој го насочил снајперот, дали е реална закана или провокација, политичките аналитичари предупредуваат дека ова е опасна зона во која ситуацијата може многу брзо да ескалира и да прерасне во вооружен конфликт.