Во сенката на тензиите со Кина, Филипините и Соединетите Држави ги започнуваат своите најголеми заеднички воени вежби досега, во кои учествуваат речиси 18.000 војници. Годинава за прв пат ќе вклучат и вежби со жив оган во Јужното Кинеско Море, на кое претендира и Пекинг.
Годишните воени вежби, наречени Баликатан, што се преведува како „рамо до рамо“, се одржуваат во услови на зголемени тензии поради територијалните претензии на Кина во Јужното Кинеско Море и воените маневри околу Тајван.
Вежбите ќе траат до 28 април, а на нив ќе учествуваат 12.200 американски, 5.400 филипинци и нешто повеќе од стотина австралиски војници.
Акцентот треба да биде ставен на одбраната на морето и брегот. Обуката има за цел да ги подготви вооружените сили на двете земји „да одговорат веднаш и ефикасно на секоја ситуација, криза или вонредна состојба под какви било околности“, рече командантот на филипинската армија Андрес Сентино на почетокот на воените маневри.
Вежбите „Баликатан 2023“ ќе се одржат во пет филипински провинции, вклучувајќи ги Замбалес и Палаван, кои се наоѓаат покрај Јужното Кинеско Море. Филипините и другите земји во регионот се во расправија со Пекинг околу суверенитетот над поморската област богата со ресурси. Едно од местата за обука е во близина на Тајван, кој Кина го смета за дел од својата територија.
Заедничките вежби доаѓаат откако во понеделникот завршија тридневните воени вежби на Кина околу Тајван, што дополнително ги зголеми тензиите во регионот. Кина ги објави маневрите откако тајванскиот претседател Цаи Инг-вен се состана со претседателот на Претставничкиот дом на САД Кевин Мекарти во Калифорнија минатата недела.
Кина ги предупреди земјите-учеснички дека вежбите на Баликатан не треба да се мешаат во споровите околу спорните области во Јужното Кинеско Море. Територијалниот суверенитет на Кина, поморските права и безбедносните интереси, исто така, не смеат да бидат засегнати, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Ванг Венбин, пренесе ДПА.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска во Вашингтон ќе разговара за зајакнување на воените врски со претставниците на Филипините, по што ќе се упати кон Виетнам и Јапонија, земји кои исто така се во територијален спор со Кина.
Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин ќе се сретнат со нивните филипински колеги во главниот град на САД на првите заеднички разговори меѓу САД и Филипините во последните седум години, јавува француската новинска агенција АФП.