Фудбалерот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд е неизвесен за натпреварите на Светското клупско првенство, објави менаџерот на тимот Пеп Гвардиола.
„Денеска дојде во клубот, лекарите ќе направат нов преглед, па ќе видиме. Беше на терапија. Се надевам дека ќе отпатува со нас во Саудиска Арабија. Мислам дека нема да биде подготвен да игра против Кристал Палас. Не се работи за скршеница, туку за силен удар во стапалото. Лекарите велат дека мора да ја следиме ситуацијата од ден на ден или недела до недела и да видиме како ќе се чувствува“, изјави Гвардиола на прес-конференцијата, а пренесува официјалниот сајт на клубот.
Манчестер Сити во сабота ќе игра против Палако во Премиер лигата, а во вторник во полуфиналето на Светското клупско првенство ќе се сретне со победникот од четврт-финалето меѓу Леон (Мексико) и Урава (Јапонија).
Финалето на Светското клупско првенство е закажано за 22 декември. Сите натпревари ќе се играат во Џеда.