Министерот за здравство Илир Демири денеска на новинарско прашање во врска со случајот Леонид Индов изјави дека Владата и Министерството се комплетно посветени и ќе се најде решение со кое ќе му се помогне, односно ќе му бидат покриени трошоците. Системско решение, како што посочи, во предизборниот период и во време на техничка влада, не може да се најде.
– Досега е направено многу. Зборувавме со семејството и брзо ќе добиете епилог. Не сакам медиумска кампања а пропо изнаоѓање на решение. Значи, Владата и Министерството за здравство се комплетно посветени и ќе најдеме решение да му се помогне не само на Индов, туку на секој еден пациент кој има потреба – изјави Демири пред почетокот на панел дискусијата по повод одбележувањето на Денот на ретки болести во Скопје.
Тој напомена дека сега треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение ќе се зборува по изборите.
– Системско решение во оваа техничка Влада и предизборие не може да се најде. Треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение после изборите ќе зборуваме, од повеќе сектори зависи тоа. Значи, промена на регулативи и на закони не зависи само од Министерството за здравство – додаде Демири.