Грчката опозициска партија Сириза денеска ги осуди, како што наведуваат, сериозните прекршувања на Договорот од Преспа од страна на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, кој вчера беше во официјална посета на Македонија. Сириза ја повика грчката влада да престане да ги потценува турските провокации и конечно да реагира динамично, со демарши кон Турција.
Партијата реагира на тоа што турскиот министер Фидан во своите изјави нашата земја ја нарече Македонија.
Од Сириза велат дека „овој провокативен турски став не е случаен“, туку според нив е последица на политичките одлуки на владата на Киријакос Мицотакис, која „систематски води нетранспарентна надворешна политика, нанесувајќи им штета на националните интереси, избегнувајќи сите овие години какво било активно вклучување во Договорот, за да ги одржи внатрепартиските рамнотежи“.
„Индикативен е фактот што посетата на турскиот МНР има за цел зајакнување на стратешките односи со Северна Македонија, а од друга страна Нова демократија на Мицотакис не се погрижи да ги развие билатералните стратешки односи и улогата на Грција кај соседната земја, со ратификување на меморандумите, потпишување на нови и со свикување на предвидените високи совети за стратешка соработка, при што веќе се очигледни последиците за нашите национални интереси“, соопшти Сириза.
Дополнително, паријата го повикаа грчкиот премиер да преземе дипломатски дејствија со демарши за „Турција конечно да се усогласи со меѓународното право и со реалноста“.
Вчерашната посета на шефот на турската дипломатија на Скопје и прес- конференцијата со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски се најдоа и во грчките медиуми, кои акцентот го ставија не само на суштината на изјавите на двајцата министри и на пораките што ги испратија, туки и на тоа кое име го употребил Фидан, т.е. дека земјата ја нарекол Македонија.
Грчката телевизија „Скај“ коментираше дека министерот за надворешни работи на Турција на прес-конференцијата користел и Северна Македонија и Македонија.
– Изјавите беа хибридни, Македонија – Северна Македонија. На почетокот рече Македонија, веднаш потоа рече Северна Македонија. Подоцна, пак Македонија, потоа повторно Северна Македонија – објасни дописникот на „Скај“ од Турција.
Турскиот министер за надворешни работи Фидан вчера на прес-конференцијата со колегата Муцнски рече дека Турција цврсто и непоколебливо ја поддржува Македонија и ќе продолжи тоа да го прави. Тој изрази интерес двете држави да потпишат Виш стратешки совет за соработка. Најави дека Турција има цел да се зголеми билатералната економска соработка на две милијарди евра, а ќе продолжат со поддршка за турските компании да инвестираат во Македонија.
– Продолжуваме и со воената соработка, преку учество на заеднички вежби. Верувам дека ќе имаме сериозен подвиг во следниот период – рече вчера Фидан.