Синдромот на вкочанета личност е ретко и високо прогресивно невролошко нарушување. Најчести симптоми се вкочанетост и грчеви на мускулите во телото, а со текот на времето состојбата може да се влоши така што луѓето не можат самостојно да одат. За третман, се користат одредени лекови кои го спречуваат или намалуваат мускулниот спазам.
Оваа болест е почеста кај жените на возраст од 30 до 60 години, а не е точно познато што ја предизвикува. Синдромот на вкочанета личност првпат беше опишан во 1956 година.
Како да го препознаете синдромот на вкочанета личност?
Како што сугерира името, главниот симптом е вкочанетост или грчеви во мускулите на различни делови од телото. Станува збор пред се за вкочанетост на мускулите на трупот и стомачните мускули, но и на рацете, нозете и лицето, а со текот на времето може да дојде и до деформација на држењето на телото.
Самата вкочанетост може да трае со денови или недели, додека во развиените состојби на болеста не почне да влијае на секојдневниот живот.
Покрај вкочанетоста има и хронична болка, намалена подвижност, неможност за одење. Симптомите се влошуваат со текот на времето, а на нивната прогресија влијаат и стресот, студеното време, инфекциите и разните болести.
Може да се појави и чувствителност на звуци или допир. Во некои случаи, лицето нема да може да стои или да оди, а спазмите можат да бидат толку силни што коска се скрши.
Овој синдром е тешко да се дијагностицира бидејќи е многу редок и сè уште непознат, па пациентите може да добијат погрешна дијагноза како дијагноза на мултиплекс склероза, Паркинсонова болест или некоја друга автоимуна болест.
Што предизвикува синдром на вкочанета личност?
Синдромот на вкочанета личност е многу редок и само еден од милион луѓе го има. Точната причина за оваа состојба не е позната, но научниците веруваат дека се работи за автоимуно нарушување. Познато е само дека болеста влијае на централниот нервен систем, односно мозокот и ‘рбетниот мозок.
Исто така, многу пациенти развиваат антитела кои го напаѓаат ензимот наречен глутаминска киселина декарбоксилаза (GAD) кој го прави невротрансмитерот ГАБА, кој помага во контролата на мускулите. Кај луѓето со овој синдром, имунолошкиот систем погрешно го напаѓа ензимот ГАД, а резултатот е погрешна порака од мозокот и ‘рбетниот мозок за контрола на движењето на мускулите.
Луѓето кои имаат анемија, дијабетес, витилиго или одредени видови на рак имаат малку поголеми шанси да го добијат овој синдром.
Како се дијагностицира синдромот на вкочанета личност?
За да се постави правилна дијагноза, неопходно е да се направат низа тестови.
Најпрвин потребно е да се направи тест на крвта со кој се бара присуство на одредени антитела, вториот тест е електромиографија со кој се мери електричната активност во мускулите и на крај се прави лумбална пункција.
Како се третира синдромот на вкочанета личност?
Третманот за синдромот на вкочанета личност ќе зависи од симптомите и колку тие влијаат на вашиот секојдневен живот.
За оваа болест нема лек, но постојат лекови кои ќе ги ублажат симптомите, а тоа се различни инјекции на антитела и мускулни релаксанти. Почетниот третман се состои од земање бензодиазепини или баклофен.
Во некои случаи, физикална терапија и одредени вежби може да помогнат.
Заклучок
Синдромот на вкочанета личност е многу прогресивна болест од која страдаат само мал број луѓе. Главниот симптом е вкочанетост на мускулите во телото, што може само да се влоши со текот на времето. За оваа болест нема лек, туку само се прават обиди да се ублажат симптомите и да му се овозможи на болниот да живее што е можно понормален живот.