Синдикатот на полицијата во Македонија до Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе кривична пријава против Оливер Спасовски, поранешен министер за внатрешни работи, поради постоење на основано сомнение ги пречекорил овластувањата и ги злоупотребил службената положба и овластувања. Пријавата е за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик и „Несовесно работење во службата“ по член 353-в од Кривичниот законик.
„Постои основано сомнение дека пријавениот О.С. со злоупотреба на службената положба и овластување, со непочитување на здравствените прописи кои важеле во тоа време, како и преземање на мерки и службени дејствија за време на спреченост на работа, односно додека бил на боледување и непочитувајќи ги прописите за заштита на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за заштита од вирусот ковид-19, своерачно и незаконски потпишал две решенија за распоредување а со тоа ги сторил кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Несовесно работење во службата предвидени во член 353 и 353-в од Кривичниот законик“, се наведува во соопштението од Синдикатот.
Оттаму прашуваат:
„Каков човек треба да бидеш, додека си на боледување, да бидеш болен од ковид-19, да бидеш во изолација и единствено да те интересира да нанесеш штета на работниците на кои со години од твоето владеење ‘се колнеше’ дека се ‘задоволна полиција’“.