Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) која минатата среда излезе на предупредувачки протест пред Владата, е разочарана од односот на Владата бидејќи, според нивни информации, во Собрание веќе е поднесен Предлог-законот за административни службеници по скратена постапка.
Ова законско решение, сметаат од КСС, е манипулативно бидејќи со него ќе се зголемат платите на вработените во јавниот сектор само по 100 до 200 денари. Ги повикуваат пратениците да не гласаат за овој закон и како што велат, да застанат на страната на работниците.
– Вчера дознавме дека Законот за административни службеници онака како што сакаат да го донесат, на еден понижувачки начин, е поднесен по скратена постапка во Собранието. Тој закон не носи ништо добро, само по 100 до 200 денари покачување на платите на вработените во јавниот сектор и со тоа продолжува манипулацијата, а кажавме дека решението е едноставно – тоа е членот 88 од сегашниот Закон – вели претседателот на КСС Благоја Ралповски на денешната прес-конференција.
Незадоволството кај членството, рече Ралповски, е се поголемо и се бара радикализација на идните чекори што би се реализирала во скоро време.
КСС дава поддршка на Синдикатот на УПОЗ, кој утре и задутре организира двочасовен прекин на работата во управата и правосудството, но, како што вели Ралповски, не знаат дали членството да го повикаат на протест или штрајк.
– Го поддржуваме штрајкот на УПОЗ, но мораме да кажеме дека уште кога беше најавен, испративме допис до нив во кој ги поддржуваме заради обединување на работниците и заради истата цел – платите на вработените во јавниот сектор. Тоа беше на 1 април, но не добивме одговор. Вчера повторно испративме допис до Синдикатот на УПОЗ и побаравме да седнеме заеднички и да ни кажат дали е тоа протест или штрајк затоа што се одвива во работно време. Добивме одговор од една реченица – со оглед дека имале големи обврски дека не можат да се состанат со нас и дека не повикуваат на 7 и 8 април. За што да го повикаме, за кое барање? Дали на протест или на штрајк? Нека се изјаснат- рече Ралповски.