Синдикатите бараат ист аршин за пресметка на платите на вработените во јавниот сектор со онаа на функционерите. Двете здруженија на синдикатите Сојуз на синдикати (ССМ) и Конфедерација на слободни синдикати (КСС) имаат сличен предлог како тоа да се реализира без разлика дали ќе се потпише општиот колективен договор за јавниот сектор или ќе се донесе најавениот Закон за плати во јавниот сектор.
Владата не го добила предлогот на синдикатите, но знае дека за него треба да расправа Економско-социјалниот совет, по што ќе изгради и сопствено мислење.
Експертите, пак, велат дека синдикатите на овој начин ја потсетија власта дека дала ветување дека ќе го реши проблемот и ѝ даваат предлог тоа да го реши на еден од расположливите начини.
Според ССМ чиј предлог се однесува на преговорите за потпишување на општ колективен договор во јавниот сектор, се предлага основица за пресметката на платите за работниците и за функционерите да биде просечната месечна бруто-плата исплатена во претходната година според Државниот завод за статистика која би се множела со коефициентот за сложеност. На просечната плата, како процент, би се пресметувале и додатоците од плата, а на сето тоа би се додавал и стажот. Коефициентите за сложеност кај функционерите би се движеле од 2,20 до 4,50, а кај вработените согласно категоријата од 0,1 до 2,20.
Така коефициентот за сложеност за категоријата А-раководни работници и службеници, би се движел од 1,5 до 2,2. Во категоријата Б – стручни соработници, од 1 до 1,5 и во категорија В – помошно стручни работници, од 0,1 до 0,8.
Коефициентот би се утврдувал во секоја дејност поодделно. Додатоците на плата пак ќе се пресметуваат како процент од просечната плата и ќе се додаваат на основната плата.
– Со ова би се добило зголемување на платите и кај вработените во јавниот сектор од 50 до 70 отсто, а платите би биле подостојни какви што би биле и разликите. Пресметките покажуваат дека кај работниците порастот на платите кај најниската плата би изнесувал плус 10.000 денари, а растот би бил соодветен на категоријата во која припаѓаат – вели Слободан Трендафилов, шеф на кабинетот на претседателот на ССМ.
Предлогот, додава тој, уште денеска треба да се разгледува на Економско-социјалниот совет.
Истото мислење го имаат и во Конфедерацијата на слободни синдикати, но тие прифаќаат основица за пресметка на платите да биде една од двете плати – просечната или минималната плата.
– Која и да се прифати како основица да биде основа за пресметка на платата на вработените и на функционерите. Која и да се прифати од овие плати за основица за пресметка на плата кај работниците не прави разлика бидејќи и кај двете платите на работниците би се зголемиле, а би растеле и во иднина бидејќи минималната плата го следи растот на просечната и растот на инфлацијата. Но кај функционерите состојбата би била различна. Така, ако за основа на пресметка на платите се прифати просечната плата, тогаш кај функционерите не би имало никакви промени во платите. Промена кај нив би имало само ако како основица се прифати минималната плата која е помала од просечната, па и платите на функционерите би се намалиле за разликата меѓу овие две плати – вели Благоја Ралповски, претседател на КСС.
Ралповски вели дека доколку во општиот колективен договор се прифати да се вметнат овие предлози тогаш не би било потребно да се носи посебен закон за плати.
– Според мене, многу подобро е да се прифати оваа пресметка на плати да оди преку Општиот колективен договор, бидејќи во дел од секторите веќе има потпишани гранкови договори и полесно се приспособува проблематиката, отколку да има нов закон. Но за вработените ништо не се менува во однос на платите и со законот – вели тој.
Вината за ваквата незадоволителна состојба во однос на платите во јавниот сектор Ралповски ја гледа во неколкугодишното одбивање на владата да ги усогласи платите на вработените во јавната администрација со минималната плата.
Професорот Здравко Савевски вели дека синдикатите се во право кога на владата ѝ нудат сопствено решение на проблемот, бидејќи таа иако вети не направи ништо да ги стави на соодветно место платите на функционерите по одлуката на Уставниот суд.
– Владата самата одлучува за висината на коефициентите и за тоа не ѝ е потребно мислењето на пратениците. Досега, ако имаше политичка волја кај власта прашањето би можело да се реши едноставно со одлука на владата. Но и по подолго време владата не го стори тоа, па реакцијата на синдикатите е на место и ѝ даваат на знаење на власта дека треба да го реши прашањето со коефициентите – вели Савевски.
Тој повторно потсетува дека посебен проблем кај нас е формалната и фактичката плата на функционерите што треба да се елиминира.
– Познато е дека нашите функционери имаат пониски плати од нивните колеги во регионот, но кај нас не се знаат привилегиите кои ги имаат функционерите и колку заработуваат тие од нив. Инаку зошто некој би сакал да биде функционер со олку ниски плати, ако не станува збор за формалната плата која е далеку повисока од она што се прикажува како фактичка плата на функционерите – вели Савевски.
Од владата која е втората страна (работодавачот) во преговорите за потпишување на општиот колективен договор велат дека кај нив не е дојден предлогот.
– Денеска, ова прашање најверојатно ќе се најде на седница на Економско-социјалниот совет и за него ќе се разговара. По седницата ќе излеземе со соопштение, а подоцна ќе го кажеме и нашиот став – велат од владата.