Силна експлозија го затресе сирискиот регион Тартус и остави облак во форма на печурка. На социјалните мрежи се појави видео од израелскиот воздушен напад врз Сирија од неделата. Се смета дека ова се најинтензивните израелски напади врз земјата во последните десет години.
Веста ја пренесоа повеќе западни медиуми.
Детонацијата ја регистрирале сеизмичките сензори како потрес со јачина од три степени според Рихтеровата скала.
Истражувачот Ричард Кордаро изјави дека сигналот од експлозијата бил регистриран и во магнетометарската станица во Исник, западна Турција, оддалечена 820 километри. Тој посочи дека сигналот се ширел „двојно побрзо“ отколку оној кај обичен земјотрес.
Тартус е локацијата на една од двете клучни руски бази во Сирија. Покрај нејзината употреба како поморска база, таму се наоѓаат и складишта за муниција. Експлозијата и последователните детонации укажуваат на тоа дека во нападот можеби биле погодени големи залихи оружје.
По наводите дека Русија повлекува воени бродови од Тартус и другите свои бази во Сирија, руското влијание во Сирија останува под знак прашалник. Сирискиот претседател Башар ал Асад избега во Русија откако буновниците презедоа контрола врз Дамаск и клучните региони во земјата.