Кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ вечерва изрази убеденост дека за неа ќе гласаат дури и пратеници од СДСМ, луѓе од ДУИ и од други партии како и многу неопределени. Во Само интервју на ТВ Канал 5, Силјановска Давкова во однос на исходот од гласањето во вториот круг од изборите рече дека неможе повторно да се случи 1999 година, бидејќи околностите се различни.
– Расположението кај македонските гласачи е поинакво. Секој има праг на воздржливост и нашите граѓани, дел од нив во оваа власт не можат да препознаат социјалдемократија. Мислам дека нема да гласаат за нив. Јас сум убедена дека за мене ќе гласаат дури и некои пратеници од СДСМ, дури и некои луѓе од ДУИ и од другите партии а исто така и многу неопределени – рече Силјановска Давкова.
Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ повторува дека дури и со ваква преговарачка рамка се можни решенија, како и дека доколку стане претседателка најнапред ќе разговара со соседите и ќе предочи на регионалните прашања, но и на други околности. Според неа, ЕУ нема политика за Западена Балкан.
– Очекувам кога ќе завршат изборите кај нас, кога ќе завршат изборите во ЕУ, кога ќе завршат изборите во Бугарија – реков дека приоритет ми се нашите соседи да поразговараме. Јас мислам дека дури и со ваква преговарачка рамка можни се решенија. Нека си продолжат комисиите да разговараат но да се даде една интерпретација на Договорот за пријателство и добрососедство низ призма на преамбулата дека нема прашањата врзани за идентитетот, за културата и за историјата да можат да бидат основ за вето туку само копенхашките критериуми. ЕУ исто така мислам дека треба да си ги чува темелните вредности и принципи. Тие всушност уживаат и судска заштита без тоа ЕУ не е инспиративна демократска заедница – изјави Силјановска Давкова.
Преговорите со ЕУ не значат ништо, дури тогаш ќе бидеме во чекалната, вели претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова во емисијата „Само интервју“. Таа вели дека мора да се слушне гласот на експертите за нашата евроинтеграцијата дека ова не води кон решение.
– Тоа е таа психологија и ментална матрица „молчи и слушај“.Мора да се однесуваме како пристојна држава, тогаш ќе не почитуваат.Ама ако велите дека што и да кажете е најдоброто решение бидејќи вие сте европјани а ние сме како што рече Османи медиокритети, тогаш Фројд е во прашање.Не се сите медиокритети во оваа држава.Точно е дека политиката ја окупирале медиокритети без дигнитет, интегритет и знаење.Па ако уште им кажат дека еден ден можат да бидат нобеловци можете да замислите во каков политички транс екстаза се наоѓаат – рече професорката.