Силен земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала го погоди Тајван, по што самоуправниот остров во близина на источниот брег на Кина беше погоден од неколку последователни потреси.
Земјотресот со јачина од 6,8 степени е регистриран на релативно мала длабочина од седум километри, а епицентарот бил во близина на градот Тајтунг на југоисточниот брег, соопштија тајванските власти.
Едно лице загина, а неколку се повредени во земјотрес во округот Тајтунг.
Четири лица, заробени во трикатниот супермаркет кој се урна, беа спасени од противпожарните екипи.
Во земјотресот е оштетена патната инфраструктура. Во Хуалиен се урнаа мостовите Гаолијао и Лунтиен над реката Ксиугулуан, додека мостот Јулиус беше оштетен.
Околу 7.073 домаќинства останаа без струја во градовите Тајпеј, Њу Тајпеј, Таинан и Каосиунг.
Тајванското Министерство за образование соопшти дека има материјална штета во училиштата по земјотресот, додека образованието е прекинато во Хуалиен и Тајтунг.
Во близина на епицентарот се урна двокатна станбена зграда. Земјотресот бил почувствуван и на северниот крај на островот во главниот град Тајпеј.
По земјотресот во Тајван, Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за цунами на висина од еден метар што им се заканува на јужните јапонски острови.
Тајван го погоди и земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала.