Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку се сретна со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, со кој разговарала за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, како на политички, така и на економски план, и за македонските аспирации за членство во Европската Унија, информираше Кабинетот на претседателката.
На средбата, како што соопшти претседателскиот Кабинет, било констатирано дека Унгарија останува силен поддржувач на македонските евроинтеграции и во тој контекст Сиљановска Давкова изразила благодарност за поддршката што Унгарија ја дава во повеќе области, вклучувајќи ги европските аспирации на нашата држава, како и фактот што прашањето за проширувањето е високо на агендата на тековното унгарско претседателство со Европската Унија.
„На средбата претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ и изрази надеж за фер процес на пристапување во ЕУ што ќе го почитува дигнитетот на македонските граѓани“, соопшти Кабинетот.