Нас никој не нѐ ослободи, сами се ослободивме со помош на над 110 илјади Народно-ослободителна војска за Македонија. Нам никој не ни ја подари државата, сами се изборивме за неа. За нас антифашистичката беше и истовремено и Народно-ослободителна војна, во која дадовме 24.000 жртви, затоа ние не смееме да дозволиме историски ревизионизам и релативизирање на народно ослободителната и антифашистичката борба, бидејќи со тоа би се поткопале илинденските и антифашистичките темели, врз кои е изградена македонската држава, порача денеска претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова во Музејот на македонската борба, по повод Денот на народното востание на македонскиот народ — 11 Октомври.
Претседателката Сиљановска – Давкова во своето обраќање посочи дека 11 Октомври е денот кога македонскиот народ без колебање ја има избрано вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, и како што рече „неслучајно македонската држава за која копнееја Илинденците и за која се изборија антифашистите, трае веќе 80 години“.
-На 11 октомври во 1941 година македонскиот народ посегна по непресушното човеково право на отпор против репсијата, неправдата и окупацијата, и храбро без колебање ја избра вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото. 11 Октомври е меѓникот, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободоумни и правдољубиви народи. Херојската борба против фашизмот нѐ сплоти, нѐ прероди и ни даде легитимитет како народ да се самоопределиме и да создадеме слободна македонска држава на првото заседание на АСНОМ. Како еден од најголемите демократски триумфи на човештото, антифашизмот ни овозможи на историската сцена да настапиме рамноправно и со чиста совест да учестуваме во обновата на разрушениот свет. Неслучајно македонската држава за која копнееја Илиденците и за која се изборија антифашистите, трае веќе 80 години – рече Сиљановска Давкова.
Македонската химна, додаде, ја симболизира незапирливата борба за правдата, и како што рече, го опева континуитетот со Илинден, навестувајќи ја слободата на Македонија.– Но, во македонската химна е пишано и едно предупредување. Дали некогаш сте се запрашале, зошто текстот на македонската химна е испеан во сегашно, наместо во минато време? Зошто по АСНОМ ние не пееме дека денес над Македонија веќе се родило новото сонце на слободата? Дека македонците веќе се избориле за своите правдини? Зошто? И по 8 септември 1991 година, македонската химна сè уште е во сегашно, а не во минато време? – истакна претседателката.
Според неа, секоја нова генерација се соочува со нови предизвици, а најголема жртва треба да дадат оние кои имаат најголема одговорност и мора одново да се избори за овие вредности.
– Секоја нова генерација се соочува со нови предизвици и мора одново да се избори за овие врвни вредности и да ги интернализира. Секоја нова генерација, вклучително и нашава, треба да даде своја жртва за слободата и за правдата, затоа што само жртвата нѐ освестува за нивната вредност, а најголема жртва треба да дадат оние кои имаат најголема одговорност, односно политичарите избрани од македонските граѓани да ги застапуваат, да ги претставуваат, и со својот личен пример да се борат за националните и државните интереси – посочи Сиљановска Давкова.
На свечената академија по повод Денот на народното востание на македонскиот народ — 11 Октомври, присустуваше и премиерот Христијан Мицкоски, министри, пратеници и претставници од дипломатскиот кор.