Кинеската тенисерка Кинвен Женг е првата финалистка на олимпискиот турнир во Париз, откако попладнево забележа сензационална победа над најдобрата светска тенисерка Ига Швјонтек од Полска со 2-0 во сетови (6-2, 7-5).
Женг ѝ нанесе неочекуван пораз на Швјонтек на теренот на кој полската тенисерка освои четири грен – слем титули на Ролан Гарос и беше апсолутна фаворитка за златниот медал на Игрите во Париз.
За Женг ова е второ големо финале оваа година, откако во јануари загуби во дуелот за титулата на Австралија Опен од Белорусинката Арина Сабаленка.
Кинеската тенисерка во финалето ќе игра против победничката од второто олимписко полуфинале меѓу Дона Векиќ од Хрватска и Ана Каролина Шмиедлова од Словачка.