Шведска го забележа првиот случај на инфекција со мајмунска сипаница, објавија здравствените власти во земјата. Пациентот се заразил при посета на делот од Африка најпогоден од новиот вид на болеста. Шведска стана првата земја надвор од африканскиот континент која потврдила случај на инфекција само еден ден откако Светската здравствена организација прогласи глобална вонредна состојба поради ширењето на вирусот mpox, порано познат како мајмунски сипаници, , пренесува српски Данас.
В.д. директорката на Шведскиот институт за јавно здравје, Оливија Виксел, изјави дека болното лице се заразило при посети на делот од Африка каде што е прогласена епидемија на новиот сој на вирусот, но не прецизираше за која земја се работи. Болниот е сместен во болница во Стокхолм, а според Виксел во моментов нема никаков ризик за општата популација.
Шведскиот министероза здравство Јакоб Форсмед рече дека Шведска е добро подготвена за вирусот, како и дека е обезбедено доволно снабдување со вакцини. Како што објави шведскиот јавен сервис СВТ, повеќе од 300 случаи на инфекција со претходниот вид на вирусот се регистрирани во Шведска во 2022 година.
Вирусот може да се шири преку близок контакт со луѓе и најчесто се манифестира со благи симптоми, но во ретки случаи инфекцијата може да биде фатална со симптоми слични на грип и гнојни лезии на телото.
Откако избувна епидемијата во Демократска Република Конго, инфекцијата се прошири и во соседните земји. Светската здравствена организација изјави дека прогласувањето на епидемија и вонредна состојба во јавното здравство од меѓународно значење може да го забрза истражувањето, финансирањето и меѓународните мерки на јавните здравствени установи и нивната соработка во борбата против болеста.