Поранешниот гувернер на Калифорнија и славен актер Арнолд Шварценегер, во вторникот ја обвини Европа дека ја „финансира војната во Украина“, бидејќи продолжува да купува руска нафта.
„Без разлика што мислите за тоа, имаме крв на рацете бидејќи ја финансираме војната“, рекол Арнолд Шварценегер во текот на обраќањето на климатската конференција „Австриски светски самит“ во Виена.
Шварценегер, кој долго се занимава со борбата против загадувањето, укажал дека војната во Украина е уште една причина да се престане со употребата на фосилни горива.
– Не мора да се лажеме себеси. Веќе го имаме тоа што е потребно да се оддалечиме од фосилните горива. А сега постои и морална обврска тие технологии да се користат – рекол Шварценегер.
Според неговите зборови, руската војска во првите два месеца од воените дејствија во Украина испукала 1.300 проектили во вредност од 7,7 милијарди евра, додека Европа во истиот период на Москва ѝ платила вкупно 44 милијарди долари за нафта и гас.
Тој напоменал дека иако Русија губи опрема, војници, тенкови и авиони, таа „не плаќа за оваа војна“.
„Си велат на себе: „Европејците ни праќаат пари, тие плаќаат за оваа војна““, рекол актерот.
„Без разлика како гледате на тоа, ние имаме крв на нашите раце бидејќи ја финансираме војната. Тоа им го должиме на украинските деца кои растат во засолништа“, додал тој.