Швајцарскиот бизнисмен Хансјоерг Вис разгледува понуда да го купи англискиот фудбалски клуб Челзи од рускиот милијардер Роман Абрамович.
– Абрамович сега се обидува да ги продаде своите вили во Англија. Исто така, сака брзо да се „ослободи“ од Челзи. Јас, заедно со уште тројца луѓе, во вторникот добив понуда да го купам Челзи од Абрамович – изјави Вис за швајцарскиот весник „Блик“.
Швајцарскиот милијардер наведе дека ќе мора да почека четири до пет денови за да види како ќе се одвиваат работите.
– Абрамович во овој момент бара премногу. Челзи му должи две милијарди фунти, но Челзи ги нема тие пари, така што, тој што ќе го купи Челзи ќе мора да му надомести на Абрамович – посочи Вис.
Тој додаде дека точната продажна цена на Челзи сè уште не е дефинирана.
– Можам да се замислам на чело на Челзи со своите партнери. Меѓутоа, прво морам внимателно да ги проучам општите услови. Тоа што уште сега можам да го кажам е дека сигурно нема да влезам сам во тој проект. Доколку го купам Челзи, тоа ќе биде конзорциум од шест или седум инвеститори, рече Вис.
Актуелниот европски првак Челзи во саботата мина во рацете на локална хуманитарна организација, откако Абрамович се повлече од клубот поради војната во Украина.