Поради прекршување на маркетиншките ограничувања поврзани со употребата на швајцарските трговски марки, корпорацијата Mondelez ќе мора да ја отстрани од етикетата на чоколадото Toblerone фотографијата од планинскиот врв Матерхорн, по што е дизајниран еден од нивните најпознати производи. Исто така, од амбалажата ќе треба да го отстранат и натписот „Made in Switzerland“.
Еден од највисоките алпски врвови на 4.478 метри, речиси симетричен пирамидален врв кој го отсликува обликот на чоколадна лента со бадем и мед, компанијата ќе мора да го замени со генерички алпски врв, пренесува The Guardian.
„Редизајнот на амбалажата воведува модернизирано и поедноставено планинско лого кое се усогласува со геометриската и триаголната естетика“, изјави портпаролот на Монделез за весникот Aargauer Zeitung. Исто така, на пакувањето Toblerone веќе нема да биде дозволено да пишува „Made in Switzerland“.
Законот за заштита на „швајцарството“ од 2017 година ја ограничува употребата на белиот крст на националното знаме на црвена позадина, како и други показатели за швајцарско потекло во прехранбените производи, индустриските производи и услуги.
Производството го префрлаат во Словачка
За да може храната да се продава како „произведена во Швајцарија“, 80% од суровините мора да потекнуваат од таа земја, а најголемиот дел од преработката мора да се одвива таму. За млечните производи, процентот на швајцарско млеко мора да биде 100%, со исклучок на состојките што не можат да се добијат од Швајцарија како какаото.
Од 1908 година, Toblerone се произведува во швајцарската престолнина Берн, а мечката, која е симбол на градот, е внатре во сликата на Matterhorn на пакувањето. Чоколадото Тоблероне го добило името по комбинацијата на презимињата на двајцата пронаоѓачи, Теодор Тоблер и Тороне.
Во 2016 година, Toblerone беше првиот потрошувачки бренд кој го воведе концептот познат денес како „shrinkflation“, на начин што во Велика Британија ги зголеми празнините помеѓу триаголните парчиња чоколада и ја намали големината на пакувањето од 170 на 150 грама. . Иако овој потег предизвика бес кај клиентите, продажбата се зголеми.
Mondelez, кој е сопственик на брендот Toblerone од 2012 година, минатата година најави дека од крајот на 2023 година ќе префрли дел од своето производство во својата фабрика во Словачка, каде што произведува и чоколадо Milka.