Илон Маск, еден од најбогатите луѓе во светот, технолошки и бизнис маг со јужноафриканско потекло, предизвика вистинска бура во виртуелниот простор со еден твит, во кој лаконски предложи како да се стави крај на војната во Украина. Неговиот технички ум, насочен кон барање решенија на проблеми, без многу обзири кон политички и кон геостратешките мудрувања, понуди „алгоритам“ во четири чекори, со кој може да се дојде до мир: да се повторат референдумите во анектираните области, овој пат под супервизија на ООН, а нивните резултати да се прифатат, Крим да остане дел од Русија, како што бил од 1783 година, Украина да го гарантира водоснабдувањето на Крим и понатаму да остане воено-неутрална држава.
За програмерскиот и технички ум на Илон Маск, искрено загрижен за опасноста од нуклеарен армагедон, и за оваа војна, како и за бројни други проблеми на кои наишол, може да се најде решение, ако се сака и ако се употребат разумот и интелигенцијата. Но, кој вели дека тие што одлучуваат за прашања на војната и мирот – политичарите, бараат решенија, дури и кога се можни?
Зеленски и од Илон Маск направи „руски навивач“
Реакциите беа повеќе од жестоки и неповолни. Украинците, на кои досега многу им помагаше, и со конкретна технолошка поддршка, веднаш го „отпишаа“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави „анкетно“ прашање, „Кој Илон Маск повеќе ви се допаѓа? И понуди два одговора – оној што ја поддржува Украина или оној што ја поддржува Русија?“.
За Зеленски, очигледно, Маск веќе „навива за Русија“, иако потроши повеќе од 80 милиони долари за на Украина да ѝ овозможи сигурна интернет комуникација преку неговите микро-сателити „Стар линк“, помош која за Украинците е од непроценливо значење во војната со посилниот руски агресор.
За Русите, пак, Маск одамна е непријател и „украински агент“, но ете почнал да се освестува. За тоа тој доби иронични „честитки“ од верниот соработник на Путин, Дмитриј Медведев:
„Честитки за Маск! Неговиот следен твит веројатно ќе биде нешто за Украина како вештачки создадена земја“.
Медведев алудира на оценката на Маск дека тоа што Крим денеска е дел од Украина било „грешка на (Никита) Хрушчов“, претседателот на СССР, кој во 1954 година административно го префрлил Крим од Република Русија на Република Украина. Медведев ова го толкува како напредок на Маск и цинично прогнозира следен негов чекор на напредување да биде да ја прифати и актуелната руска доктрина за „Украина како измислена нација“. Подло, нема што!
Сепак, официјалната реакција на Кремљ, што ја соопшти портпаролот Димитриј Пасков беше афирмативна – тој рече дека предлог на Илон Маск е „позитивен чекор“.
Но, Илон Маск не е сам во желбата војната во Украина да заврши на „зелена маса“ и тоа колку што е можно побргу, пред да се случи уште поголема светска трагедија. Тоа го покажаа милиони негови следбеници на социјалните мрежи, а неговите размислувања ги споделуваат и многу мислечки луѓе во светот. Без разлика на разликите, нив ги поврзува една заедничка желба – да се најде мировно решение за војната, која ја исцрпува светската економија и ги загрозува животите на милиони луѓе.
Пивоваров: Русија не смее да го бара Крим
Наши аналитичари, експерти за меѓународна политика и дипломатија со кои разговараме, наоѓаат добри и лоши страни во предлозите на Маск и имаат свои видувања на дел од нив.
Според Владимир Пивоваров, нема сомнение дека и овој конфликт, како и сите други, мора да заврши со мировен договор. Според него, најдобро е до таков договор да дојдат Киев и Москва, но меѓународните фактори ќе мора да бидат гарант на таков договор. Сепак, тој не смее да го поткопува меѓународниот правен поредок.
– Признавање на анексии на украински територии од страна на Русија би го нарушила целиот светски поредок. Во таква ситуација, некоја голема сила, која има мал сосед, како што сме и ние, ќе може да каже – тоа е наша територија. И да ја заземе, анектира. Сите меѓународни организации тогаш би требало да згаснат – вели Пивоваров, кој десет години бил професор по дипломатско-конзуларно право.
Според него, не може да се прифати лесно позицијата на Русија дека Крим е руски, зашто оттогаш поминало многу време и Русија можела многу одамна да го спори тоа.
– Преседанот е направен и со Косово, но како што гледате, и неговиот статус е проблематичен, дел земји ја признаваат, дел не ја признаваат независноста на Косово – смета Пивоваров.
Според него, добро решение е за Украина да биде воено неутрална, но прашање е дали таквиот статус им конвенира на големите сили. Нормално е и демократски секоја суверена држава сама да одлучува кон кој пакт ќе се приклучи.
Буџаковски: Анексијата е завршена работа
За Стефан Буџаковски, универзитетски професор од областа на правото и безбедноста, анексијата на четирите украински области и на Крим е „завршена работа“, тие остануваат во Русија, без разлика што ќе имаат неодреден статус на непризнаени и полупризнаени, слично на Косово.
– Во реализацијата на секој мировен план мора да бидат вклопени интересите на глобалните големи сили. Доколку тие не се внесени како цели во решавањето на конфликтот, тука не очекувајте никакво решение – вели тој.
Според Буџаковски, светот мора да се сврти кон балансирање на целокупната состојба, а не наметнување на одреден интерес, било да е од членките на НАТО или од страна на Русија.
– Мора да се тргне од тоа дека Русија во никој случај нема да се согласи НАТО да ѝ дојде до граница и дека Украина, во сите варијанти, мора да остане неутрална држава, тампон зона помеѓу НАТО и Русија – вели Буџаковски.
Ова што доаѓа сега како информација за напредок на украинските сили, всушност е повлекување на нови граници. Тој не очекува офанзивата на Украина да продолжи, таа е исцрпена држава, ресурсно и човечки, па не треба да се очекуваат големи промени на воен план.
– Работите треба да се свртат кон тоа дали ова ѝ е доволно на Русија. А да знаете дека Русија ќе инсистира на неутрален статус на Украина. Ако меѓународниот фактор успее да најде компромис меѓу позициите на двете страни, можно е мировно решение. А од она што засега може меѓу редови да се прочита, тоа би одело во правец на насока на она што го реков, Украина со неутрален статус на тампон зона, а Крим и останатите анектирани држави остануваат во Русија – прогнозира Буџаковски.
Димовски: Конфликтот ќе потрае уште некое време
За разлика од него, Злате Димовски, исто така универзитетски професор, може да се очекува конфликтот и воените дејствија да потраат уште некое време, а јасно е дека сите посакуваме што поскоро да почне преговарачки процес. Тој исто така смета дека Украина мора да биде неутрална и не верува во враќање на анектираните територии.
– Она што го посакуваме е конфликтот да заврши што поскоро, да нема човечки жртви и материјални жртви и уште поголеми последици врз светската, европската па и нашата економија. Сметам дека конфликтот ќе потрае уште некое време, но очекувам порано или подоцна да се седне на преговарачка маса и да се разговара. Очекувам сите овие територии кои сега Русија, да не кажам ги анектира, тоа е тежок збор, туку веќе и со референдум ги потврди како своја територија, да останат во нивни посед, или евентуално ќе добијат некој статус кој допрва ќе треба да се решава, но дека Русија ќе откаже од тие територии, јас не верувам. Тоа ќе биде и условот кој Русија ќе го поставува во постигнување на било каков договор – вели Димовски.
Според професорот Димовски многу е битно Украина, барем сега за сега, да не влезе во НАТО, затоа што ако биде примена во НАТО, според членот 5, целата Алијанса, сите држави членки ќе треба да се вклучат во конфликтот.
– Тоа би било она непосакувано сценарио на Трета светска војна. Мислам дека НАТО и Европските земји се свесни за тоа и не дозволуваат барем сега за сега, брз приема на Украина во НАТО – вели професор Димовски.
Тоа што дополнително ги компликува работите, е што во Украина има и други територии за кои Русија тврди дека се нејзини, каде што има мнозинство Руси, тоа може да значи дополнителен конфликт, вели Димовски, но мислам дека тоа ќе биде искористено за некакво урамнотежување, порамнување во преговорите, нешто слично како што беше решението за Косово.
– Во првиот момент тука ќе бидат и мировни сили, кои можат да останат и подолг временски период, додека не се добие целосно решение, или конфиктот да се подзаборави и да се наметне сфаќање дека не е толку важно каде живееш, туку како живееш. Оваа криза покажа колку сме економски зависни, колку зависиме од туѓи ресурси, и ние, па и Европа. Така што, ќе се чека еден подолг период, ќе има некакви мировни сили, ќе има некаков надзор од нечија страна. Претпоставувам, Русија нема да прифати сили од НАТО, туку можеби од ОБСЕ или ќе се формираат мировни сили од Обединети нации, од некои држави која Русија ќе ги прифати и подолго време тоа ќе се развие во еден систем на прифаќање на овие територии како дел од Русија. Украина, од друга страна, ќе мора да прифати, или да сфати, дека ѝ е подобро да живее во мир, отколку во конфликт, па и по цена на губење одреден дел од територијата, нешто што ѝ се случи и на Србија. Србија никогаш не го даваше, па и сега не го дава Косово, меѓутоа факт е дека тоа сега е посебна држава и во тој контекст, така некако се решаваат работите на светско ниво. Сметам дека во таа насока ќе се движат работите и со овој конфликт во Украина – вели Димовски.
Ризвановиќ: Фер гласање би довело до спротивен резултат на референдумите
Новинарот во ТВ 24 Сеад Ризвановиќ, кој ја следи проблематиката на војната во Украина, смета дека предлозите на Илон Маск се во правец на завршување на војната, а тоа е добро.
– Решението за украинската криза е поставено уште на почетокот на конфликтот од францускиот претседател Макрон, а сега повторно актуелизирано од Илон Маск. Решението е Украина да се одбрани т.е. да победи, а рускиот претседател Путин да не биде поразен. Решението мора да биде во таква насока, бидејќи алтернативите се многу опасни – вели Ризвановиќ.
Според него, во слична насока е и предлогот на Маск, и неговата суштина е да се најде средно решение од кое двете страни би биле подеднакво незадоволни.
– Повторени референдуми во Донбас, под покровителство на ОН, се такво решение, неприфатливо за Русија, која процесот го смета за завршен, но и за Украина која го смета за ништовен. Повторените референдуми на таков начин би добиле меѓународен кредибилитет, а со оглед на расположението на населението кое живее во тие области и повеќе од извесно е дека фер гласање би довело до спротивен резултат во минимум две области (Херсон и Запорожје). Иако во моментов Украина победува, Русија има капацитет во најмала рака да го пролонгира конфликтот и трајно да задржи одредени области, така да Украина би добила максимум од ситуацијата, Путин не би се сметал за поразен, Русија би добила безбедбносни гаранции со неширење на НАТО во Украина а Москва би добила и трајно решение за снабдувањето со вода за Крим.
АДАМЧЕВСКИ: РУСИЈА ЌЕ ЈА ПРИФАТИ УКРАИНА ВО НАТО, НО НЕМА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД КРИМ
Мирче Адамчевски, долгогодишен дописник од Москва и одличен познавачите на руско-украинските односи, вели дека е предрасуда дека Русија нема да прифати Украина да биде во НАТО.
– Сметам дека анексијата на украинските територии е главен приоритет на Русија. Русија веќе го има НАТО на своите граници, преку балтичките земји, а еве и Финска и Шведска ќе станат земји на НАТО, така што тоа е само тактички пристап на Русија во преговорите. Она од што нема да отстапи Русија е анексијата нА Крим и на четирите региони каде сега имаше референдуми – смета Адамчевски.
Според него, нереално е да се очекува Русија да прифати повторување на референдумите со било каки набљудувачи.
– Таа се повикува на искуството на Косово и на пресуди на Меѓународниот суд на човекови права. Според неа, референдумите се легитимни, а нема да дозволи нови, во никој случај, затоа што така би признала дека тие референдуми се неважечки. Дури и да знае, што е реално, дека резултатот не би се разликувал ако тие се повторат под меѓународен надзор – вели Адамчевски.
Според него, направени се многу грешки во решавањето на конфликтот, а договорите од Минск требало да се поддржат и да се спроведат, зашто обезбедувале солидни решенија, автономија за регионите со руско мнозинско население. Според него, со договорите од Минск требало да се опфатат и други региони со мнозинско руско население, кои требало да добијат културна и локална автономија, делумно и финансиска, и на тој начин формално да останат во Украина, со силни врски со Русија, но војната би се избегнала.
– Nајголема загриженост треба да претставува можно дестабилизирање на состојбата во приморскиот град Одеса, каде населението е прилично проруски настроено – предупредува Адамчевски.
Според Адамчевски, во моментов Русија е заинтересирана за продолжување на преговорите, но Украина тоа го одбива под влијание на западните сили, пред се на САД и на Велика Британијa.
ПОФЕР ПРЕДЛОГ ВО ОВАА БЕЗИЗЛЕЗНА СИТУАЦИЈА – ЗДРАВЈЕ!
- Светот оди во неповрат и веќе тие процеси се иреверзибилни, за жал. Таа е реалноста и тоа не е нешто што е тешко да се увиди и заклучи. Прашање е само дали ќе заврши со нуклеарна војна, или со комплетно урушување на системите и хиперинфлација, недостиг на храна, греење и струја.
- Околу ситуацијата во Украина мислам дека не се остави простор за компромис. Сите мостови за некаква соработка и ретерирање се срушија и војната стана ултимативна. Предлогот на Маск е конкретен и квалитетен, а според мене, со него губат и двете страни и така треба да биде.
- Русија ќе остане само со Крим, ако референдумите под меѓународно покровителство и мониторинг во четирите области пропаднат, што е реално да се очекува ако навистина, како што вели Зеленски, Русите не се добредојдени никаде во Украина. Ако пак не е баш така, тогаш некој не бил искрен до крај.
- Инаку, Крим е природно руска територија и отсекогаш бил, се додека Хрушчов не го подарил на Украина. Таму отсекогаш доминантно население било руското. За овие други четири области кои Русија насилно ги анектираше, предлогот на Маск е одлична шанса да се провери какво е расположението на населението.
- Пофер предлог во оваа лоша и безизлезна ситуација – здравје. Ако се сака да се заврши ова лудило, не смее Русија целосно да се порази, мора да ѝ се отвори некаква задна врата, која ќе ѝ овозможи некаква, макар и Пирова победа, за пред домашната јавност, бидејќи нејзиниот комплетен пораз ќе значи и нуклеарна катастрофа. А тоа не е нешто што го сакаме.