Се вжештуваат односите Влада-синдикати откако вработените во Управата за јавни приходи и на Царинската управа најавија генерален штрајк со блокирање на институциите и граничните премини, а премиерот Димитар Ковачевски побара од директорите на двете управи да им се провери финансиската состојба на работниците пред да се размислува за зголемување на платите.
Синдикати, граѓани и експерти прашуваат зошто Владата кога ги зголеми платите на функционерите не размислуваше за тоа дали има пари во буџетот и дали тие се добро ситуирани и подлежни на корупција, а сега кога вработените во УЈП и Царина бараат повисоки плати за 30% и законска исплата на додатоците на плата се користат аргументите дека нема пари во буџетот, а платата се условува со проверка на финансиската состојба на вработените?
Синдикатите ова го оценија како директна закана за вработените и правото на штрајк, бидејќи обврската да побараат имотни листови од вработените директорите ја имале и досега. Тоа посебно се однесува на Царината каде што при вработување секој вработен поднесува листи за имотната состојба и е должен да ја пријави секоја промена.
Експерти велат дека на ваков начин Владата сака само да го одложи зголемувањето на платите на вработените до следната година, бидејќи има проблем со планот за распределба на парите во буџетот.
Ковачевски пред два дена ги повика директорите на УЈП и на Царинската управа да најдат модел за проверка на имотната состојба на нивните вработени како дел од процесот за усогласување на платите и дека тоа било поттикнато од скринингот во Брисел кој дал „интересни податоци“ во делот на ефикасноста на Царината и би ја подобрило нивната транспарентност.
– Мислам дека ако тоа се примени во Царина, ќе се зголеми нивната транспарентност, ќе добијат на тежина и на општествен кредибилитет, бидејќи ако некој нема што да крие, нема ни потреба да не поддржи еден таков процес – изјави премиерот.
Значи во буџетот има пари – штом имаше за функционерите, тогаш има и за вработените. Таква е логиката. Или поинаку кажано, во демократијата функционерите треба да бидат слуги на народот, па ако има пари за повисоки плати на слугите, тогаш зошто би немало пари за газдите
Професорот Здравко Савески во ваквиот однос на Владата гледа обид да се прикрие дека буџетот слабо се полни и начин како да се оправда неприфаќањето од страна на Владата да се зголемат платите на вработените во целиот јавен сектор кое се одолговлекува уште од ланското зголемување на минималната плата, што предизвика револт кај граѓаните и сите во јавниот сектор.
– Револтот кај граѓаните и посебно вработените во јавниот сектор за ваквото однесување на Владата произлегува од фактот дека од истиот буџет во кој сега се тврди дека не се испланирани пари за зголемување на платите беа зголемени платите на функционерите за високи 78% и на дел од вработените. Значи во буџетот има пари – штом имаше за функционерите, тогаш има и за вработените. Таква е логиката. Или поинаку кажано, во демократијата функционерите треба да бидат слуги на народот, па ако има пари за повисоки плати на слугите, тогаш зошто би немало пари за газдите – вели Савески.
Тој додава дека не држи ниту аргументот прво да им се испита финансиската состојба на вработените во УЈП и во Царината па потоа да им се зголемат платите бидејќи корупцијата е услов за давање отказ и за законско гонење, а не за давање плата.
– Сомнежите дека во овие управи има корупција не треба да се воопштува и тоа да биде аргумент за одлагање на покачувањето на платите. Ако за некој од вработените има сомнеж дека е корумпиран, тоа е аргумент да му даде отказ и да се поведува кривична постапка, а не поради тоа да биде доведено во прашање зголемувањето на платите на сите вработени во овие управи. Корупцијата не е услов за земање плата, туку услов некој да се отстрани од работа и да се казни. И пак се наметнува истото прашање: Зошто за функционерите кои имаат нелегални приходи по најмалку 10 основи не се преиспита нивната финансиска состојба пред зголемувањето на платите, а сега за вработените, за кои не се водат никакви постапки се бара да се прикаже финансиската состојба – вели Савевски.
Со сличен став е и поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Тој го прокоментира барањето на премиерот до директорите на УЈП и на Царинската управа на социјалните мрежи.
– Ковачевски, провери го прво ти имотот на првиот и вториот ешалон и расчисти го најголемиот корупциски скандал со Дојче телеком за што и самиот си сведок – вели Хајредини.
Во ваквото однесување на Владата, синдикатот на УПОЗ гледа притисок врз вработените да се откажат од барањата и да го прекинат штрајкот.
– Проверката на состојбата треба прво да почне од врвот – од имотот на функционерите. Навистина тие поднесуваат листи за имотната состојба, но треба да се види и како го менуваат имотот секоја година. А знаеме и со какви имоти ги завршуваат функциите. Сметам дека првично треба да се почне од функционерите, а потоа, зошто да не се дојде и до вработените. Изјавите на владините функционери ги сметаме за притисок врз вработените – вели Бојан Трипуноски, генерален секретар на Синдикатот на УПОЗ.
Тој појаснува дека и сега директорите на овие две управи треба да го следат имотот на вработените што е и законска обврска.
– Оваа обврска постои за вработените во УЈП и во Царинската управа, односно при вработувањето се приложува листа за имотна состојба која секој вработен има обврска да ја надополнува со сите промени. Но реков, ова нема врска со покачувањето на платите и исплатата на додатоците што го бараат вработените, туку е само обид тие да се заплашат и да не ги бараат правата – вели Трипуноски.
Синдикатите забележуваат и дека процесот на утврдување на методологијата за пресметка на плати оди бавно и додека заврши целиот процес може да помине и годината.
– Процесот се одолговлекува, се прават застои, а додека помине на Влада и Собрание, ќе помине и годинава. На работниците им требат сега повисоки плати, а не по шест месеци. Зошто Владата не чекаше да се донесе методологијата па да ја зголеми платата на функционерите? – прашуваат синдикатите.
И ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквите изјави од страна на владините функционери се закана за вработените да се откажат од штрајкот.
Од партијата го обвинија премиерот дека во отсуство на и дека како да го реши проблемот користи закани.
Министерот за финансии Фатмир Бесими деновиве изјави дека Буџетот е во добра кондиција и затоа не очекува наскоро да има ребаланс.
– Сега за сега сѐ оди според планот во однос на приходите и во однос на расходите и мислам дека ќе продолжиме така како што е планирано во Буџетот – рече Бесими.
Тој и вчера одбегна да каже дека не прифаќа да им се зголемат платите на вработените во двете управи, па се повика на системско решение за платите кое ќе важи за сите.
– Тој процес е во тек. И во однос на имотната состојба, тоа е одговорност на сите што се во јавни функции и во јавниот сектор каде што се во рамките на прописите да и тој дел во имотната состојба и проверката како општ процес важен за општеството се клучни во однос на интегритетот на институциите и мислам дека тоа прашање што со тек на време согласно законските прописи треба да се направи – рече Бесими.
Тој информира дека за платите интензивно се разговара со синдикатите преку економско-социјалниот дијалог, а комуникација има и со УЈП и со Царинската управа.
– Имаме разбирање за нивните барања, но исто тоа што го гледаме, го следиме од аспект на прашања што значат одржливи решенија. Мислам дека тоа ќе се надмине – рече Бесими.
Вработените во Управата за јавни приходи (УЈП), дадоа рок до 27 јуни да им се зголемат платите за 30% и најавија генерален штрајк доколку тоа не се случи. Штрајк со затворање на граничните премини најавија и вработените во Царинската управа.
Владините функционери, пак, бараат генералниот штрајк да се реализира според Законот за штрајк и да се овозможи нормално функционирање на државата.