Од друга страна, со хималајската сол треба да се внимава на внесот на јод. Јодот е минерал кој му е потребен на телото за одржување на правилната функција на тироидната жлезда и клеточниот метаболизам. Одлични извори на јод се рибата, морските плодови, млечните производи и јајцата. Јодизираната кујнска сол е уште еден вообичаен извор на овој минерал, а хималајската сол содржи помалку јод од кујнската сол.
Кои се наводните здравствени придобивки од хималајската сол?
И покрај фактот дека розовата хималајска сол содржи само мали количини на дополнителни минерали, многу луѓе сè уште тврдат дека има бројни здравствени придобивки.
Наводни здравствени придобивки од хималајската сол:
Помага при респираторни заболувања
Ја балансира pH вредноста во телото
Ги намалува знаците на стареење
Го подобрува квалитетот на сонот
Го регулира шеќерот во крвта
Го зголемува либидото
Не постои научен доказ дека хималајската сол е поздрава од обичната сол
Вистината е дека повеќето од овие тврдења не можат да бидат поддржани со некое сериозно истражување. На пример, солените соби како третман за разни белодробни заболувања може да бидат од одредена употреба, но генерално, потребни се поригорозни истражувања за да се испита нивната ефикасност, пишува HealthLine.
Од друга страна, некои од овие тврдења се всушност само нормални ефекти на натриум хлорид во телото, така што овие придобивки ќе ги добиете од секаков вид сол. На пример, истражувачите откриле дека исхраната со многу малку сол може да предизвика проблеми со спиењето, па затоа е јасно дека соодветна количина сол е неопходна за квалитетен сон. Сепак, розовата хималајска сол не била испитувана во студијата, така што ова веројатно е ефект на натриум хлоридот од која било сол.
Исто така, минералите во розовата хималајска сол не се присутни во доволно големи количини за да имаат некаков ефект врз pH рамнотежата на телото. Белите дробови и бубрезите ја регулираат pH вредноста на телото без помош на хималајска сол. Понатаму, шеќерот во крвта, стареењето и либидото примарно се контролирани од други фактори освен солта во исхраната и едноставно нема научни студии кои покажуваат дека хималајската сол може да има некоја од овие здравствени придобивки.
Во моментов, не постојат научни докази кои покажуваат дека розовата хималајска сол дава повеќе здравствени придобивки од обичната кујнска сол. Замената на кујнската сол со розови гранули може да помогне да се намали внесот на натриум, но, како и со секој друг вид сол, треба да внимавате на дневниот внес, кој најмногу го надминува.
Во исто време, некои научници тврдат дека хималајската сол, освен што нема докажани здравствени придобивки, содржи голем број радиоактивни материи како што се радиумот, ураниумот и полониумот, но и супстанции кои делуваат како отрови, како што е талиумот, за среќа, во мали траги.
Затоа хималајската сол не треба да се гледа како гаранција за здравјето додека легитимните клинички студии не го докажат спротивното, пишува Sciencebasedmedicine.