Се сеќавате ли на Јово Вангеловски, поранешниот претседател на Врховниот суд? На „оној“ Вангеловски, кој си создаде смртни непријатели со начелното правно мислење со кое практично ги оспори „бомбите на Заев“ како доказен материјал? Беше тоа голема драма во она време…
На Вангеловски не му беше заборавено. Врховниот судија во март 2020 година беше разрешен, заедно со неговата колешка од Врховниот суд, Рахилка Стојковска. Сите знаеме зошто тогашниот премиер Зоран Заев облече челични опинци за да му испорача шут карта.
Вангеловски и Стојковска во моментов водат активна постапка пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), а ги застапува Влатко Илиевски, адвокат со врвна експертиза кога се во прашање апликациите и постапките во Судот во Стразбур. Кон крајот на јануари годинава, ЕСЧП се обратил до властите во Македонија со сет прашања кои се однесуваат на овој случај. Во февруари, тој допис е објавен на сајтот на Судот. Прашањата се мошне сериозни,. А најновите настани во Судскиот совет, пак, чии сведоци бевме деновиве, фрлаат нова светлина и врз овој случај.
Имено, сите коишто сега ја „откриваат Америка“ и се исчудуваат на хаосот во правосудните институции, треба внимателно да ја прочитаат приказната за случајот на двајцата разрешени судии од Врховниот суд. Не со цел пристрасно да заземат страна, туку за да сфатат дека битен дел од проблемите со кои се соочуваа врвните правосудни институции во Македонија се од системска природа. Тоа што дел од актерите кои им судеа на Вангеловски и на Стојковска од 2017 до 2020 година се истите кои деновиве се „прославија“ во мелодрамата во Судскиот совет е случајност. Она што секако не е случајност е фактот дека ова тело, како и некои други, треба сериозно да се реформираат.
Но, да тргнеме со ред…
Првиот „фаул“ против судиите Вангеловски и Стојковска
Рашомонијадата на судиите Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска почнува на 27 март 2017 година. На тој ден, обвинител од Јавното обвинителство до Врховниот суд поднел Барање за заштита на законитоста (БЗЗ), против решенијата на Основниот суд од Скопје и на Апелациониот суд во Скопје, со кои му е определена мерка притвор на Сеад Кочан, лице осомничено од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Со БЗЗ, од Врховниот суд е побарано да ги укине решенијата за определување притвор и предметот да го врати на повторно одлучување.
Два дена подоцна СJO Катица Јанева до Врховниот суд ќе поднесе барање за повлекување на поднесеното БЗЗ од Јавното обвинителство, повикувајќи се на Законот за СЈО, според кој таа е овластена да презема дејствија пред основните и пред апелационите судови. Потоа таа поднела и барање за изземање на Вангеловски од постапување по предметот, поради сомневање за негова пристрасност.
Врховниот суд го одбил барањето за изземање на претседателот Вангеловски. На 11 мај истата година, овој Суд го прифатил и Барањето за заштита на законитоста, ја укинал мерката притвор за Сеад Кочан и го вратил предметот на повторно постапување. Советот кој одлучувал бил составен од 5 судии, меѓу кои биле и апликантите Вангеловски и Стојковска.
На 26 септември 2017 година, граѓанската организација Зелена лупа до Советот за утврдување на факти (тело кое веќе не постои) поднела иницијатива за доставување предлог за одговорност на судиите кои одлучувале по БЗЗ за Кочан, со аргумент дека предметот бил во исклучива надлежност на СЈО. Советот за утврдување факти (СУФ) ќе ја прифати иницијативата и ќе формира Комисија за утврдување на фактите во врска со наводите.
На 22 ноември 2017 година, Комисијата одржала расправа за утврдување на одговорност на петтемина судии кои ја донеле пресудата по БЗЗ, но – во отсуство на судиите Вангеловски и Стојковска. Тоа е првиот сериозен „фаул“ во постапката. Не случајно првото прашање што Судот од Стразбур им го поставил на страните во овој случај гласи: „Дали апликантите имаа фер сослушување при утврдувањето на нивните граѓански права и обврски, во согласност со член 6 став 1 од Конвенцијата (за човекови права)?“
Пет дена по оваа расправа, Комисијата поднела Извештај до СУФ, според кој петчлениот совет на Врховниот суд, постапувајќи по БЗЗ на Сеад Кочан, сторил две повреди: зел во работа поднесено барање од неовластен орган и се впуштил во одлучување и неправилно ги применил одредбите од Законот за кривична постапка, каде никаде не било наведено дека за мерката притвор одлучува Врховниот суд.
На 14 декември 2017 година, СУФ донел одлука со која го прифатил Извештајот на Комисијата, а ден подоцна до Судскиот совет поднел барање за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција на петтемина судии од Врховниот суд.
„Судење“ во отсуство на двајцата „осомничени“ судии
Но, на 28 декември 2017 година Собранието ќе усвои Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, со кој Советот во целост ги презема ингеренциите на СУФ за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судии.
Само еден потоа, Судскиот совет носи одлука со која се формира Комисија за утврдување на одговорност на петтемина судии. Не само брзаницата, туку и составот Комисијата укажува на тоа што се спремало. Еден од трите члена на комисијата е Беким Реџепи, кој е дел од политичките членови на Судскиот совет кои на предлог на партиите се избираат во Собранието. Реџепи е избран за член на Советот одвај 3 години по дипломирањето и 1 година по положениот правосуден испит. Потоа е избран на функцијата заменик министер за транспорт и врски во македонската влада, на предлог на политичката партија ДУИ.
Втор член на Судскиот совет со слична биографија и блискост со ДУИ е Селим Адеми. Адеми станал член на Советот во 2013 година, 2 години по положениот правосуден испит и сѐ уште е член на ова тело. Слично како и Реџепи, бил без судско искуство, претходно вработен во јавниот сектор во институции кои биле раководени од функционери од партијата ДУИ. Сега стана „ѕвезда“ како човек кој ја презеде „раководната палка“ во Судскиот совет и како потпретседател на ова тело, го спроведе каубојското разрешување на претседателката Весна Дамева.
Во април 2018 година, Комисијата за утврдување на одговорност до Вангеловски и до Стојанова го доставила барањето за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, а овие возвратиле со соодветен одговор. Од август 2018 година до 6 куни 2019 година имало три неуспешни обиди да се одржи седница на Комисијата, што поради боледување на Вангеловски што поради периодот на избори, кога сите постапки за избор и разрешување законски се ставаат во мирување.
На 6 јуни 2019 уште еден сериозен „фаул“ од страна на Судскиот совет – се одржала седницата на Комисијата во отсуство на Вангеловски и Стојковска. Стојковска го известила Судскиот совет дека поради службено патување во странство нема да може да присуствува на седницата, а Вангеловски известил дека ќе биде отсутен затоа што во Врховниот суд имал состанок со делегација на Светска Банка. Овие факти кои се лесно проверливи. Но, Судскиот совет бил цврсто решен да ја тера работата и во отсуство на двајцата судии.
На седницата се пристапило кон отворање на записникот за советување и гласање по Барањето за заштита и законитост. Со увид во записникот е констатирано дека за прифаќање на БЗЗ гласале Вангеловски, Стојковски и судијата Ристо Катавеновски, за кого потоа е раздвоена постапката.
Од тука натаму работата во Судскиот совет оди „како по лој“. Комисијата брзо ќе подготви извештај за констатирана состојба, во кој се наведува дека апликантите сториле повреда на член 75 став 1 алинеја 2 од Законот за судовите односно несовесно ја вршеле судската постапка. Комисијата му предлага на Судскиот совет да се разрешат Вангеловски и Стојковска од вршењето на судиската функција и исто така времено да се оддалечат од вршење на судиската функција до правосилно завршување на постапката.
Блерим Беџети призна дека Зоран Заев вршел притисок да се „ликвидира“ Вангеловски
На 13 август 2019 година, поранешниот министер за правда и актуелен градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети, јавно ќе открие кој ја турка работата. Беџети ќе посведочи дека тогашниот премиер Зоран Заев на 17 јули 2019 година од него барал да изврши притисок на одредени членови во Судскиот совет, за да се смени еден претседател на суд, алудирајќи на Вангеловски. Заев истиот ден потврди дека се слушнал со Беџети, но не за да врши притисок, туку за да се постапува по закон. Беџети сепак остана на дадената изјава. На 17 јули имало седница на Судскиот совет со точка „разрешување на претседател на еден суд“.
Интересно е дека во врска со овој случај, на 19 декември 2019 година, градоначалникот на Скопје од владејачката партија СДСМ, Петре Шилегов, во интервју за РСЕ, ќе каже: „Знаете што сѐ не се случи за да го смениме претседателот на Врховниот суд и какви беа тие односи“.
Судот во Стразбур поставува посебно прашање во врска со овие наводи од жалбата на апликантите: „Дали Судскиот совет може да се смета за независен и непристрасен суд, имајќи ги предвид наводите за притисок извршен од високи политички фигури во врска со разрешувањето на првиот жалител (Вангеловски)?“
Суспензија без право на жалба?
Како и да е, на 11 август 2019 година, со одвоени решенија, Судскиот совет времено ги оддалечил Вангеловски и Стојковска од вршење на судиска функција, до правосилно завршување на постапката за утврдување на нивна одговорност. Суспензијата е образложена со наводната опасност тие да ги загрозат и другите постапки кои се водат пред Врховниот суд за предметите на СЈО. Верувале или не, во решенијата пишува дека не е дозволена жалба.
Оневозможувањето на правото на жалба, но и компромитацијата на жалбената постапка, е еден од посериозните проблеми во овој случај, тема за која и ЕСЧП им поставува сериозни прашања на македонските власти.
Незадоволни од решенијата, Вангеловски и Стојковски поднеле заедничка жалба, во која меѓу другото наведуваат дека оневозможувањето на право на жалба е во спротивност со Амандманот 21 од Уставот, во спротивност со член 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права и во спротивност со члена 97-а од Законот за Судскиот совет (имено, дури и да сакале, апликантите не можеле да донесат слична одлука, бидејќи сите предмети на СЈО во септември таа година ги презело ЈО, а Катица Јанева веќе е во притвор). Двајцата се пожалиле дека не биле исполнети и условите од од Законот за судовите за нивно времено оддалечување.
Но, на 23 и 24 септември 2018 година, Судскиот совет ќе донесе одвоени решенија, со кои Вангеловски и Стојковска се разрешуваат од вршење на судиската функција поради нестручно и несовесно работење, затоа што гласале „за“ предлогот дека Јавниот обвинител бил надлежен да поднесува Барање за заштита на законитост за предметот на Сеад Кочан и гласале „за“ пресудата. На 30 септември, лично претседателот на Судскиот совет, без одлучување на седница, донел решение со кое ги отфрлил како недозволени жалбите на Вангеловски и на Стојковска на решенијата. Повторно невиден преседан!
Прекршувањата на правото, преседани и двојни аршини
На што се жалат во оваа фаза судиите Вангеловски и Стојковска?
На низа повреди, поради кои сметаат дека немале пристап до правда. Советот за утврдување факти (СУФ), на пример, не извршил достава на покани за расправата одржана на 22 ноември 2017 година. Тоа е оној прв „фаул“ за кој веќе стана збор. Освен тоа, судијата К. З, како член на Судскиот совет, бил должен да се изземе од работата, бидејќи против него се водела постапка за утврдување негова одговорност како судија на Врховниот суд. Истото се однесува и на членот на Судскиот совет Г. С., со оглед на фактот што таа одлучува во прв степен по однос на мерката притвор за Сеад Кочан.
Вангеловски и Стојковска сметаат дека во нивно отсуство е извршена многу сериозна повреда на принципот на независност на судиската функција, преку санкционирање на начинот на којшто гласале за конкретна пресуда, со што е повреден членот 96 став 4 од Законот за кривична постапка. Неовластено е отворен записникот за советување и гласање за судскиот предмет, со што е повреден член 100 од Уставот членовите 65 и 11 од Законот за судовите. Направен е преседан за во иднина и други судии да бидат разрешени поради начинот на кој гласале за конкретна одлука. Конечно, според двајцата судии, сериозен проблем е и паралелната примена на различно материјално право, односно различни верзии на Законот за судови, кој претрпел измени и дополнувања во 2018 и во 2019 година.
Во врска со последново, се чини дека Судскиот совет ги разрешил Вангеловски и Стојковска врз основа на непостоечки член во Законот за судовите. Имено, со измените на овој закон во 2019 година, избришан е основот на кој се повикува Судскиот совет во решенија за разрешување на двајцата судии. Кога ги разрешува двајцата судии, ги игнорира измените во Законот за судови од 2019 година, но истиот Судски совет ги почитува тие измени кога ги носи одлуките за суспензија. Тоа се недозволиви двојни аршини при одлучувањето.
Што вели на сево ова Судот во Стразбур?
ЕСЧП на двете страни во спорот им поставил значајно прашање: „Дали Судскиот совет може да се смета за независен и непристрасен суд имајќи ги предвид наводите на двајцата жалители дека судиите К.З. и Г.С. (двајцата членови на Судскиот совет) биле пристрасни?“
Второто битно прашање на ЕСЧП гласи: „Дали одлуките на жалбените совети содржеле доволно причини, особено за отстапување од претходно воспоставената практика (…) во врска со наводите на жалителите дека старата верзија на одредбите од домашното право била применета во нивниот случај од страна на Судскиот совет?“
Им пресудија и медиумите и Жалбениот совет на Врховниот суд
Од декември 2019 година случајот се сели во Врховниот суд. Вангеловски и Стојковска се жалат „на свој терен“. При тоа, тие прво ќе поднесат барање за изземање на в.д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани и за прогласување за ништовни на сите дејствија преземени од негова страна. Потоа, на општа седница, ќе поднесат барање за изземање на уште 5 судии од Врховниот суд: двајца затоа што биле членови на Советот кој одлучувал по БЗЗ, еден зашто учествувал во носење одлуки по барањето од СУФ, еден зашто имал поднесено барање до Судскиот совет за утврдување на одговорност кај Јово Вангеловски (а и тој исто така за него). Петтиот судија имал поднесено две кривични пријави и претставки до Судскиот совет против Вангеловски, а во интервју за неделникот „Фокус“ изнел личен став за законитоста на одлуката за БЗЗ и дисквалификации против него.Прифатени се барањата за изземање на 3, а одбиени за 2 судии.
На 25 февруари 2020 година Жалбениот совет при Врховниот суд ги поканил апликантите за присуство на седниците по нивните жалби. Пак е период на избори. Вангеловски и Стојковска му укажуваат на Врховниот суд дека од денот на донесување на одлуката за распишување на избори па се до денот на завршување на изборите започнатите постапки за престанок на работниот однос се ставаат во мирување.
Но, Жалбениот совет на Врховниот суд сепак ќе одржи седница на 13 март 2020 година. Стојковска безуспешно ќе се обиде да ја одложи седницата поради болест. Вангеловски е хоспитализиран на Кардиологија. Ништо не помага. Седницата се одржува. Жалбениот совет ги одбива жалбите на двајцата судии и ги потврдува решенијата на Судскиот совет за разрешување и за суспензија.
Во својата апликација во Стразбур, Вангеловски и Стојковска укажуваат дека во текот на целиот процес за нивно разрешување се објавувале низа написи во провладините медиуми, кои лицитирале со датумите за тоа кога истите ќе бидат разрешени, но и анализи и инсајдерски информации за политичките пазарења меѓу владејачките партии кои ги контролирале членовите на Судскиот совет. Се спомнува и едно интервју на истражувачкиот новинар Саше Димовски од 14 октомври 2020, во се наведува дека во Судскиот совет имало крила на политичко влијание, при што две била на СДСМ и едно на ДУИ, како и тоа и дека се избираат судии без мерит-систем. Се наведува и истражувањето на НДИ, објевено на 5 март 2020 година, според кое само 12% од граѓаните во РСМ имаат доверба во судството
Кои се клучните теми на кои инсистира Стразбур?
Што можеме да научиме од оваа незавршена приказна?
Без оглед на исходот на апликацијата, факт е дека Судот во Стразбур веќе има доволно искуство со судската пракса во Македонија и во комуникацијата со македонските власти поставува прашања кои укажуваат на сериозни слабости во правосудниот систем. Некои теми кои ние во Македонија, а особено во медиумите, ги сметаме за неважни, или дури и за „попречување на правдата“, за ЕСЧП се мошне важни.
Таква е, на пример, темата за пристап до судот. Пристапот до судот се смета, всушност, за пристап до правда. Понекогаш лекомислените одлуки неоправдано да се туркаат постапките и во отсуство на обвинетите и на засегнатите, можат лесно да се оквалификуваат како сериозни повреди на човековите права што ги гарантира Европската конвенција. ЕСЧП во овој случај прашува: „Дали има повреда на правото на апликантите за пристап до суд, како што е предвидено во член 6 став 1 од Конвенцијата, поради фактот што нивните жалби против одлуките за привремено суспендирање беа одбиени од претседателот на Судскиот совет и од Апелациониот совет?“
Правото на жалба и жалбените постапки се исто така многу важна тема, на која ЕСЧП посветува големо внимание. И тоа мора да се научи. Во случајов, оспорувањето на правото на Вангеловски и на Стојковска да се жалат на одлуката за суспензија претставува сериозен проблем. Директното оневозможување на пристапот до суд и таа груба суспензија на правото на жалба и на двостепеноста во одлучувањето, можеби ќе бидат клучни за исходот на апликацијата на Вангеловски и на Стојковска, што ја застапува адвокатот Влатко Илиевски.
Пораките од Европскиот суд за човекови права се во прашањата
Покрај другите прашања од правна природа, кои се битни, Судот во Стразбур нагласено го поставува и прашањето на пристраноста на судиите и на судовите од аспект на наводите за политички притисоци врз нив. Една изјава на министерот за правда Беџети за притисок од Заев и една полуизјава на Шилегов биле доволни да се запали црвеното светло и Стразбур директно да го праша Скопје за сомнежите за политички притисоци врз луѓето кои одлучувале во овој случај.
Судејќи според прашањата што ги поставува, ЕСЧП се сомнева дека Судскиот совет не е отпорен на притисоци од страна на извршната власт и дека тоа се должи првенствено на начинот на избор на ова тело. Изборот, всушност, фрла сомнеж врз независноста и непристрасноста на Советот, а јавноста минатата недела и самата беше сведок на таа слабост на ова тело.
ЕСЧП изразуваа сомневање и во однос на независноста и непристрасноста на жалбените совети на Врховниот суд во однос на Судскиот совет. Проблемот е во тоа што Судскиот совет има „екстензивни моќи“ и во однос на кариерата на судиите што одлучуваат во овие жалбени совети. Фактот што Судскиот совет може да ги разреши, ги става во зависност и во потчинетост и оние судии кои одлучуваат по жалба на одлуките на ова тело. Затоа ЕСЧП прашува: „Дали жалбените одбори формирани во рамките на Врховниот суд во постапката за отпуштање на жалителите може да се сметаат за непристрасни, имајќи ги предвид нивните наводи за пристрасност на некои од членовите назначени во споменатите совети?“
Општо земено, оценката за општественото опкружување во кое се врши правораздавањето во Македонија е многу важна. Човек да се праша: ако две политички изјави биле доволно Стразбур да отвори сериозна дилема, како ли ќе се постави утре ЕСЧП, ако некои идни апликанти се пожалат, на пример, дека одлуките на судовите за нивните случаи се донесени како последица на политичкиот земјотрес што го предизвика писмото на американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер?