По освојувањето на петтиот мандат на претседателските избори во Русија, што ќе се одржат од 15 до 17 март, први откако Русија ја започна војната против Украина во февруари 2022 година, Владимир Путин би можел да тргне во нова војна против Западот и НАТО.
Германскиот тинк-тенк ДГАП издаде предупредување до западните земји за можен директен напад од Русија против НАТО за 6 до 10 години. Но, полската Агенција за национална безбедност процени дека тоа може да се случи побрзо и дека Русија би можела да го нападне НАТО за помалку од 36 месеци.
Шефот на Полска Бирото за национална безбедност, Јацек Севера, претходно изјави дека земјите од источното крило на НАТО ќе влезат во директна воена конфронтација со Русија во рок од 3 години.
– Ако сакаме да избегнеме војна, земјите на НАТО на источното крило треба да усвојат пократок, тригодишен временски период за да се подготват за конфронтација – рече тој.
Путин ќе се „прошета“ на изборите во март
Засега никој не знае какви се плановите на Путин, но западните аналитичари се свесни дека рускиот претседател е лут и е решен да ги предизвика сите киоишто предвидуваа дека поради исрпувачката војна со Украина, тој ќе биде соборен од власт.
Напротив. Централниот изборен штаб на актуелниот претседател на Русија, Владимир Путин, кој се кандидираше за изборите во март, доби потписи за поддршка од 13 други региони, а собрани се вкупно 1,3 милиони потписи, најмалку четири патуи повеќе од потребното. Претходно, волонтери до Централниот штаб доставија потписи од 45 руски региони, а собирањето ќе трае до крајот на јануари, наведуваат руските медиуми.
Путин се кандидираше за петти мандат на претстојните избори како независен кандидат. Според законот за избори за претседател на Руската Федерација, граѓаните на Русија можат да учествуваат на претседателските избори како независни кандидати или како кандидати на политички партии, а за да се пријават за учество на изборите треба да достават соодветна документација до Централната изборна комисија.
Независните кандидати мора да достават документација и да обезбедат поддршка од група граѓани, а следна обврска е да се соберат 300.000 потписи за поддршка на кандидатурата, при што најмалку 7.500 лица кои живеат во таа област мора да добијат писмена поддршка од секоја административна единица на Руската Федерација.
Извесно е дека Путин ќе се „прошета“ на овие избори и без проблеми ќе го освои својот пшетти претседателски мандат.
Но, што потоа?
САД ја намалија помошта за Украина – води ли тоа кон пораз на Киев?
Угледни западни политичари проценуваат дека одлуката на Путин најмногу ќе зависи од развојот на настаните во САД, каде што републиканецот Доналд Трамп ќе го предизвика актуелниот претседател Џо Бајден на изборите во номеври оваа 2024 година. Во меѓувреме, по освојувањето на новиот мандат во Кремљ, Путин најверојатно ќе ги засили нападите врз Украина.
Застојот на американската и европската помош ги тера сојузниците на Украина да размислуваат за нешто на што не ни помислуваа во раните денови на руската инвазија – дека Русија може да победи. Бидејќи повеќе од 110 милијарди долари помош не е добиена поради политички спорови во Вашингтон и Брисел, се повеќе е под знак прашалник колку долго Киев ќе може да ги држи руските сили и да ги брани своите градови, електрани и пристаништа од ракетни напади.
Украинскиот лидер Володимир Зеленски страхува и од можната промена во Белата куќа. Тој изрази загриженост дека американските избори во 2024 година би можеле значително да влијаат на текот на руската војна во Украина и предупреди дека враќањето на Трамп може да има „големо влијание“ врз војната во Украина.
– Ако политиката на следниот претседател, кој и да е тој, биде поинаква кон Украина, постудена или поштедлива, тогаш мислам дека овие сигнали ќе имаат силно влијание врз текот на војната – рече Зеленски.
Русинот полесно ќе се договори со Трамп одошто со Бајден
Европа, исцрпена од војната во Украина, е во страв од нов руски напад. НАТО го зајакнува своето источно крило, а малите земји кои некогаш беа во СССР, се прашуваат дали Америка и нејзините сојузници навистина би ги изложиле на ризик своите војници доколку Владимир Путин одлучи да ја ескалира војната. Разузнавачки извори изразија загриженост дека Русија би можела да изврши напад врз земјите на ЕУ во зимата 2024-2025 година, што практично би значело избувнување на Трета светска војна. Според германски „Билд“, оваа потенцијална агресија зависи од исходот на претседателските избори во САД во 2024 година, особено ако САД се најдат „без лидер“ по нив.
Имено, се проценува дека Русија би можела да ја искористи можноста за време на тримесечниот преоден период во САД, од изборите во ноември 2024 година до инаугурацијата на претседателот во јануари 2025 година.
– Ризикот се зголемува доколку актуелниот претседател Џо Бајден не обезбеди реизбор, а поранешниот претседател Доналд Трамп, познат по критиките за висината на помошта за Киев, повторно влезе во Белата куќа – пишува msn.com.
Сепак, некои аналитичари во овие проценки гледаат и пропаганда и отворено навивање за Бајден. Наспроти ваквите анализи, има и проценки дека Доналд Трамп би можел во директна комуникација со Владимир Путин да ја „спушти топката“ и да го реши конфликтот во Украина со компромис, при што НАТО сепак би се откажал од инсталирање во таа земја, а Киев од дел од изгубените територии.
Засега никој не знае што навистина би можел да стори Трамп како иден претседател на САД. Се знае само атоа дека Бајден не може да дпонесе мир, бидејќи упорно и упорно форсира воено решение за кризата во Украина. Конечно, најмногу зависи од тоа што се врти во главата на Путин во овој момент. Тој е единствениот од тројцата лидери кој не мора да страхува од пораз на изборите.