Откако на владата во Софија на крајот сепак ѝ успеа да го вметне билатералниот спор околу историските прашања со соседна Северна Македонија како составен дел на преговарачкиот процес за пристапување кон ЕУ, и во други земји се отвори дебата за „копирање“ на бугарскиот модел за остварување на сопствените интереси.
Ова пашање го поставува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во анализа која ја пренесува Дочје веле.
Весникот анализира што би се случувало кога хрватската влада би го копирала бугарскиот модел и би ги прифатила препораките на Хрватската академија на науки и уметности (ХАЗУ) за заштите на хрватските интереси.
„Се работи за тоа кои услови би им ги поставувал Загреб на соседните БиХ и Србија, како и на Црна Гора, за во случај на нивно неисполнување да може да го блокира нивниот пристапен процес со вето“.
Весникот го анализира документ на ХАЗУ во кој се презентираат можни инструменти за заштита на хрватските интереси, и заклучува дека содржо цела низа можности за блокади на соседните држави.
Во случајот на БиХ се споменува спроведување на уставните реформи, односно нужноста тамошните Хрвати да добијат свој ентитет „со сите права“ кои од тоа произлегуваат.
Меѓу тие барања се и она владата во Сараево да признае дека Хрватите и Хрватска одиграле важна улога во одбраната на БиХ од српската агресија, како и барањето до властите во БиХ да престанат неоправдано да ги обвинуваат Хрватите за „наводно сторени“ воени злосторства.
Според весникот најдолгата би била листата на барања кон Србија, а тоа не е никакво изненадување.
– Белград ќе мора да престане да шири непријателство кон Хрватите или конечно да престане да го шири „митот за Јасеновац“, односно за „најголемиот концентрационен логор во т. н. Независна Држава Хрватска, помалиот партнер на Хилтер на Балканот меѓу 1941 и 1945, во кој според проценките се убиени околу 70 илјади Срби, Евреи, Роми и хрватски комунисти – пишува весникот.
Освен тоа, ХАЗУ индиректно и препорачува на владата во Загреб да го искористи нерамноправниот распоред на силите во рамките на преговорите на Србија со ЕУ за да „протурка“ и „политички коректна“ проценка на улогата на кардиналот Алојз Степинац. Освен тоа, според ХАЗУ, Србија мора да ја признае агресијата врз Хрватска во 1990-те години, во прв ред преку плаќање отштета за српскиот напад, се наведува во текстот на ФАЦ.
Германскиот весник оценува дека дел од барањата делуваат многу оправдани, но додава дека каталогот на ХАЗУ е проблематичен поради начелниот став кој се крие зад него: „Не се работи за отворена дебата за историски теми, која отвора простор и за меѓутонови и сиви подрачја, туку за обид да се пропише определена ‘историска вистина’ како единствена исправна и обврзувачка“.
Според весникот, тенденцијата билатералните историски спорни праѓања од академската сфера да се лансираат во доменот на дневната политика, и да бидат претворени во услови за продолжување или почеток на пристапните преговори со ЕУ, е сигурен метод за конечно да запре целиот пристапен процес на Балканот.
Сепак весникот се оградува со фактот дека ХАЗУ сепак не е хрватската влада, односно дека тој документ не ја претставува официјалната хрватска надворешна политика.
Проценка на весникот е дека на претседателот Зоран Милановиќ (кој е наречен „хрватски националист“) би можел многу да му се допадне тој документ, и дека е само прашање на време кога и некои други политичари во Хрватска ќе ги прифатат идеите на ХАЗУ.
Сето тоа, според германскиот весник, би можело да резултира со политичка динамика од која тешко ќе се наоѓа излез и дека „следната блокада на проширувањето на ЕУ би била логична последица“.
Наместо ширење на Унијата со земјите од Балканот и дискусија за почитување на критериумите како што се институционалната стабилност, почитувањето на човековите права и слично, во тој регион наскоро би можел да започне да се одржува своевиден „вето-фестивал“, заклучува ФАЦ.