Што ќе изгубиме ако не престанат политичките инаетења околу проектот Пречистителна станица?

Lorita
By Lorita 8 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Скопје е еден од ретките главни градови во Европа каде отпадните води од фекалната и од атмосферската канализација, па и од индустриските капацитети, завршува непрочистена директно во неговата најголема река Вардар. Затоа не е ни чудо што во летните вечери, на пример во паркот „Авион“ во наслебата Аеродром, каде се наоѓа најголемата „клоака“ од која тони отпадна вода завршува во Вардар, се шири неподнослива реа на измет!

Тие што имале прилика да прошетаат по европските метрополи, или да се повозат со „крузер“ на некоја од осумте реки на Берлин, најчесто на реката Шпре, се чудат како граѓаните во таков милионски град среде лето можат да се бањаат во реката, чија вода е сосема чиста. Постарите скопјани се сеќаваат дека и на Вардар постоела Градска плажа на која тие во лето се разладувале. Но тоа било во доцните педесетти, а оттогаш населението на Скопје е десеткратно зголемено.

Токму проектот кој требаше колку-толку да му ја врати чистата вода на Вардар – Пречистителна станица Скопје – е во центарот на политичката кавга, во која „летаат“ откази за директори на јавни претпријатија, а масовно се отпуштаат вработени.

– Најлошо од сè ќе биде овој исклучително важен проект за Скопје и скопјани, и за државата воопшто, да не се реализира, односно финансирањето да биде повлечено, поради прекршување на процедурите – вели за Плусинфо поранешниот директор на ЈП Водовод и канализација Златко Перински со кого разговараме откако Европската инвестициска банка (ЕИБ) го објави својот став за конфликтите околу овој проект.

Во соопштението на Европската инвестициска банка се укажува дека постои опасност проектот да се одолговлечи, па дури и парите, кои се веќе обезбедени, да бидат повлечени:

„Обидите да се ревидира стратегијата за набавки, без соодветно оправдување во оваа фаза од процесот на евалуација, или неусогласеноста со важечките принципи за доверливост, може да предизвика значително одложување во процесот на набавка и на тој начин може да ја загрози достапноста на средствата“.

Оценките, заклучовите и препораките во писмото на ЕИБ одат во прилог на она што досега го говореше поранешниот директор на „Водовод“ Перински.

– После ова писмо навистина ми е дегутантно уште да го повторувам она во што неколку денови се обидував да го објаснам во јавноста. Во тоа писмо сè е кажано. Сега е на ред да објаснува градоначаникчата Арсовска, а ќе има многу работи да објаснува – вели Перински.

- Advertisement -
Ad image

Претходно, во статус на Фејсбук, тој накусо ги сумираше поентите од писмото на Европската инвестициска банка:

– ЕИБ ја демантира Арсовска и потврдува дека секој чекор на Водовод и канализација е во согласност со правилата и процедурите. Потоа заклучува дека од почетокот на проектот се почитуваат условите и преземените обврски за исплата на средствата. Набавките се спроведени во согласност со водичот за набавки на ЕИБ и во согласност со одобрената стратегија за набавки. ЕИБ оценува дека до денес, Комитетот за евалуација, потпомогнат од искусен тим, од меѓународни консултанти, ги извршувал своите задачи на посветен начин – напиша Перински.

И покрај обидите, засега не успеваме да добиеме одговори какви се нивните намери за овој проект, ниту од градоначаничката на Скопје Данела Арсовска, ниту од новоименуваниот директор на ЈП Водоводи и канализација Марјанчо Митовски.

- Advertisement -
Ad image

Арсовска го разреши Перински од функцијата директор, со претекст дека не соработувал со градоначаничката, односно не го сменил составот на Комитетот за евалуација на понудите на тендерот, составен од пет члена, по два од Град Скопје и од ЈП Водовод и канализација и еден од Министерството за животна средина. Останува нејасно зошто и кому му е потребно менување на составот на оваа комисија. Според писмото на ЕИБ, која всушност го врши надзорот над спроведувањето на постапката, нема основа за такво нешто, а Комитетот за евалуација, според зборовите на Банката, „ги извршува своите задачи на посветен начикн“.

Пречистителната станица Скопје е еден од најголемите инфраструктурни проекти во земјава за заштита на животна средина. Тој треба трајно да го реши третманот на отпадните води од градот Скопје и да има големо влијание за заштитата на животната средина. Станицата треба да има капацитет за околу 500.000 жители, а ќе опфати 9 од вкупно 10 скопски општини.

За изградба на оваа технолошки напредна постројка за прочистување на отпадните води избрана е локација од 13 хектари блиску до населбата Трубарево и село Вардариште во Општина Гази Баба. Оваа локација е избрана затоа што е блиску до Вардар и е најниска точка во градот (230 метри, наспроти просечната надморска висина на Скопје, која е 350 метри). Во негова близина е природниот резерват „Острово“, кое е заштитено подрачје поради ретките растителни и биолошки видови, па, по предлог на Министерството за животна средина, ќе треба да бидат спроведени соодветни мерки за нивна зашти.

Во пречистителната станица треба да се собираат дури 90 отсто од отпадните води на територија на Град Скопје. Тој систем ќе биде поврзан со два колектори на левиот и десниот брег на Вардар, што се градат со проект на ИПА на Министерството за животна средина. Колекторот на левиот брег ќе вклучува и изградба на сифон под реката Вардар. Преку овие колектори отпадните води ќе се носат во пречистителната станица, а потоа како пречистени, ќе се враќаат назад во реката Вардар.

Пречистителната станица ќе се состои од единица за предтретман и единица за биолошки третман на водите, кои треба да се изградат во првата фаза до 2030 година. Надградбата на биолошкиот третман, со која ќа се овозможи отстранување и на азотот и на фосфорот од отпадните води, се предвидува за подоцнежна, втора фаза на проектот, предвидена да заврши до 2045 година.

Договорот за реализација на овој важен проект е потпишан на 20 декември 2019 во Скопје. Од македонска страна го потпиша тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска, министерот за животна средина Насер Нуредини, а од европска, тогашниот евроамбасадорот Самуел Жбогар. За финансирање на овој проект од ЕБОР обезбедени 58 милиони евра, ЕИБ – 68 милиони евра. Уште 10 милиони евра се обезбедени како грант од девет земји – Бугарија, Хрватска, Италија, Литванија, Луксембург, Полска, Словачка, Словенија и Обединетото Кралство. Доколку политичките кошкања околу овој проект не престанат, можно е граѓаните да останат и без пари и без пречистителна станица.

Share This Article