Во контекст на примерите за подметнувачи на пожари во Македонија, многумина се прашуваат дали станува збор за лица со антисоцијално однесување, колку често пожарите се подметнати поради одредена корист или заради одмазда, колку често се резултат на немарност, а кога станува збор за одредено психолошко растројство како што е пироманијата.
29-годишен жител на прилепското село Канатларци вчеравечер во 21 часот во селото бил уапсен под сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување шумски пожар“.
Пред неколку дена, е поднесена кривична пријава против жител на Прилеп поради постоење сомнение за предизвикување шумски пожар. Пријавениот во повеќе наврати, на 15 јули 2024, на 30 јули 2024, на 2 август 2024, на 5 август 2024 и на 7 август 2024 година, во атарите на селата Слатина и Грешница предизвикувал пожар на отворен простор, кој се проширувал и настанувале пожари на поголема површина каде што гореле трева и нискостеблести растенија.
При преземањето мерки во врска со пожарите, полициски службеници од ОВР Македонски Брод го затекнале пријавениот на местото на настанување на пожар и при преглед, кај него биле пронајдени предмети со кои може да се предизвика пожар. Со пријавениот бил извршен службен разговор, а тој ги признал делата.
Ова се само два примера за лица кои се фатени како подметнале пожар летово во Македонија. А има и бројни други примери, зашто директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов пред неколку дена изјави дека на дневна основа во земјава се појавуваат дури 40 пожари. Тој се сомнева дека најголем дел се подметнати.
Што е пироманијата?
Пироманијата е вид растројство, поврзано со контрола на импулсите, во кое растроената личност не може да му се спротивстави на сопствениот импулс за палење. Луѓето со пироманија знаат дека палењето пожари е штетно. Но, палењето оган е единствениот начин на кој тие можат да ја ублажат нивната напнатост, анксиозност или возбуда. Тие чувствуваат задоволство или олеснување откако ќе запалат нешто, пишува Вебмед.
Сепак, пироманијата не е честа појава, па затоа и не е толку истражена.
– Од мое искуство, пироманијата не е многу истражена појава, нема доволно голем број случаи, а нема ни многу студии. За да се дијагностицира ова растројство, потребен е разговор со лиценциран експерт за ментално здравје, психолог или психијатар – објаснува психологот Ангела Будиновска.
Овие нарушувања предизвикуваат агресија, проблем со самоконтролата и со контролата на сопствените емоции и однесување. Секој се чувствува така повремено, но сепак, кај луѓето со вакви нарушувања, проблемот трае подолго време, се јавува често и во различни ситуации, а предизвикува и значителни проблеми, велат експертите.
Кои се симптомите на пироманијата?
Дијагнозата на пироманијата зависи од причините зошто некој запалил или опожарил одреден предмет или објект. Важно е да се направи разлика помеѓу различни мотиви. Палењето оган се смета за постапка, а не за нарушување. Не секој што ќе запали оган е растроен или прави кривично дело и не секој пироман предизвикува пожари.
Исто така, подметнувањето пожар е кривично дело, но повеќето подметнувачи на пожар немаат пироманија. Пироманијата е психијатриско нарушување. Некои пиромани можат да не подметнуваат пожари доколку примаат соодветна терапија и развиле алатки за самоконтрола.
– Тешко е да се каже колкумина од оние кои подметнуваат пожари се пиромани, а не е добро паушално да се носи заклучок. Обично пироманите имаат компулсивно однесување, имаат одреден поттикнувач (тригер) што им предизвикува анксиозност, а нагонот за палење и самото палење се начин да се смират. Но, тоа не значи дека пироманите ќе опожаруваат шуми, честопати тие можат да запалат нешто во нивниот двор само колку да се смират, па затоа не е добро да се класифицираат како подметнувачи на пожари – појаснува Будиновска.
За да се дијагностицира пироманија, мора да бидат присутни следниве симптоми:
– Палење пожар намерно и во повеќе од една прилика;
– Чувство на напнатост или еуфорија пред да се запали оган;
– Привлечност и опседнатост со оган и сè што е поврзано со него;
– Чувство на задоволство или олеснување кога палите оган, гледате пожари или сте вклучени во последиците од пожарите;
– Палењето пожар не може да се објасни преку друго психијатриско нарушување.
Пироманијата е многу ретка. Во една студија на 90 луѓе, кои подметнале пожар повеќе од еднаш, само тројца ги исполниле критериумите за пироманија. Луѓето, кои подметнуваат пожари од следниве причини, обично немаат пироманија:
– Парична добивка;
– Политички убедувања;
– Да се скрие криминал;
– За подобрување на животната ситуација;
– Заблуди;
– Халуцинации;
– Нарушено расудување, како на пример ако се под дејство на дрога или на алкохол.
Што ја предизвикува пироманијата?
Не е познато што точно ja предизвикува пироманијата. Но, откриени се одредени фактори кои можеби имаат удел во развојот на ова растројство или се поврзани со него.
Фактори што го зголемуваат ризикот од развој на ова нарушување:
– Физичко малтретирање;
– Сексуална злоупотреба;
– Сурово родителство;
– Родители со историја на зависност;
– Родители со историја на проблеми со спроведување на законот.
– Други психијатриски нарушувања исто така се фактор. Луѓето со пироманија честопати имаат други психијатриски проблеми како што се анксиозност, злоупотреба на супстанции, зависност, депресија, недостиг на внимание, нарушувања на расположението или пречки во учењето.
– Наследни фактори. Пироманијата е вид нарушување на контролата на импулсот. Се чини дека постои генетска компонента кога станува збор за овие типови нарушувања. Луѓето со нарушувања на контролата на импулсот, како пироманија, имаат поголема веројатност да имаат роднини со психијатриски болести.
– Хемикалиите во мозокот. Вашиот мозок произведува хемикалии кои контролираат како размислувате, дејствувате и чувствувате. Луѓето со хемиска нерамнотежа во нивниот мозок може да бидат поподложни на пироманија.
– Стресори. Пироманијата може да биде поврзана со стресни настани како што се голема загуба или злоупотреба на деца.
Како се третира пироманијата?
– Пироманијата најдобро се третира со когнитивно бихејвиорална терапија, таа овозможува техники за справување со своите постапки и детектирање на мислите кои го предизвикуваат тоа однесување – вели Будиновска.
Исто така, и личниот психијатар може да му препише лекови на пациентот, кои помагаат во справување со пироманијата, како што се анксиолитиците, додава таа.
Когнитивно бихејвиоралната терапија, како психотерапија, вклучува:
– Идентификување на причината за импулсот;
– Исправање или елиминирање на однесувањето;
– Промена на однесувањето или на импулсот;
– Замена на старата навика со посоодветна;
– Наоѓање ефективни методи за справување;
– Обука за родители;
– Обука за вештини за решавање проблеми;
– Тренинг за релаксација;
– Размислување за негативните последици;
– Безбедност и превенција од пожари;
– Семејна терапија;
– Индивидуална терапија.