Инфективната мононуклеоза, позната и како „болест на бакнежот“, е заразна болест најчесто предизвикана од Епштајн-Баровиот вирус (ЕБВ) во околу 90% од случаите или од цитомегаловирусот во 10% случаи. Епштајн-Баровиот вирус е распространет ширум светот.
Приближно 125.000 случаи на мононуклеоза се пријавуваат секоја година во светот. Се проценува дека 95% од возрасните во светот некогаш биле заразени со ЕБВ и имаат антитела против вирусот. Возрасните обично не се подложни на клиничка болест бидејќи претходно биле изложени и имаат антитела, па приближно 2% од сите заболувања на крајниците кај возрасните се припишуваат на мононуклеоза. Вирусот е најзастапен кај 15-24-годишните лица. 75% од тинејџерите изложени на ЕБВ заболуваат од мононуклеоза.
ЕБВ најчесто се пренесува преку плунка, со бакнеж, а поретко преку трансфузија на крв или преку контакт со предмети со заразена плунка.
Симптоми на „болеста на бакнежот“
Четири до 8 недели по инфекцијата се јавуваат првите симптоми. Тоа се малаксаност, губење апетит и треска. Неколку дена по овие симптоми се јавуваат и воспаление на грло, покачена температура и зголемени лимфни јазли во 25-75% случаи. Заразените деца најчесто немаат симптоми.
Воспаленото грло во тежок облик е причина да се побара лекарска помош. Понекогаш пациентот ќе забележи само покачена температура и зголемени лимфни јазли или, пак, само еден од симптомите. Многу пациенти се жалат на главоболка и малаксаност.
Воспалението на грлото е интензивно 5-7 дена, а во наредните 7-10 дена спласнува. Покачената температура најчесто трае 7-14 дена, а лимфните жлезди се смалуваат во текот на третата недела од болеста. Заморот и малаксаноста се најдолготрајните симптоми. Повеќето пациенти за 3-4 недели доволно се закрепнати, но некои пациенти со месеци се чувствуваат исцрпено и имаат намалена концентрација.
Повеќе од 90% од случаите имаат мирна завршница без компликации. Оваа болест ретко е смртоносна. Најчести причини за смртност кај пациентите кои претходно биле здрави се невролошки болести, опструкција на дишните патишта и оштетувања на слезината.
Присуството на вирусот се утврдува преку крв
Директорот на Инфективната клиника во Скопје д-р Фадиљ Цана тврди дека „болеста на бакнежот“ не е опасна.
– Мононуклеозата не е болест која го загрозува јавното здравје, па немаме статистички податоци за бројот на заболени во овој момент. Мононуклеозата, уште наречена и „болест на бакнежот“, во примарното здравство е тешка за разликување од инфекциите со слични симптоми. Ние правиме серолошка анализа која сега е достапна во сите лаборатории за да утврдиме дали пациентот е заразен од Епштајн-Баровиот вирус. Пациентите поминуваат лесно, а болеста остава белег, односно покачен е бројот на антителата имуноглобулин Г, па така утврдуваме дали пациентот боледувал од мононуклеоза – објаснува д-р Цана.
Терапија за „болеста на бакнежот“
Терапијата подразбира третирање на симптомите бидејќи нема лек против вирусот кој е причинител. Се препорачува:
– Мирување и одбегнување физички напори и по завршување на симптомите;
– Понекогаш лекови за покачена температура и аналгетици за болките;
– Кортикостероидите можат да ги олеснат симптомите на воспалено грло, па се препорачуваат во дадени ситуации;
– Не постои вакцина против мононуклеоза.