Германскиот канцелар Олаф Шолц му рекол на рускиот претседател Владимир Путин дека масакрот во Буча е непростливо воено злосторство.
„Ова е нешто што не можеме да го заборавиме, не можеме да го игнорираме ова злосторство. Тоа се воени злосторства, тие што го направија ова мора да одговараат“, рече Шолц, додавајќи дека Германија ќе продолжи да ја снабдува Украина со одбранбено оружје, пренесуваат медиумите во светот.
Истите потсетуваат дека украинските власти изјавиле дека се пронајдени стотици тела на цивили откако руските сили се повлекоа од Буча минатата недела.
Заменик-градоначалникот на Буча изјавил дека загинале повеќе од 360 цивили, а околу 260-280 биле закопани во масовна гробница.
Од друга страна, Москва ги негираше наводите дека нејзините сили убиле цивили во Буча за време на руската окупација на градот, нарекувајќи ги тврдењата на Украина монструозни лаги.
Сепак, анализираат медиумите, сателитски снимки покажуваат дека телата биле на улиците на Буча пред руските сили да го напуштат градот.