Рускиот претседател Владимир Путин останува на својот став за војната во Украина, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.
– За жал, не можам да кажам дека сфатил оти грешка беше да се почне оваа војна – истакна Шолц коментирајќи го телефонскиот разговор со Путин од вторникот со времетраење од час и половина.
Но, тој нагласи дека сепак имало смисла да се разговара со рускиот лидер со цел да се објасни германската гледна точка.
– Цврсто сум убеден дека Русија треба да ја повлече својата војска, за да постојат шанси за мир во регионот. И секој ден помислувам дека тоа е единствениот начин – додаде Шолц.
Станува збор за прв разговор на Шолц со Путин во повеќе од три месеци. Тој сè уште се држи до идејата дека дипломатско решение и целосно повлекување на руската војска мора да биде постигнато што поскоро.