Германскиот канцелар, Олаф Шолц, во своето новогодишно обраќање ги повика граѓаните да не дозволуваат „сопствениците на социјалните медиуми“ да одлучуваат за исходот од германските избори, откако извршниот директор на платформата Икс, Илон Маск, постојано ја поддржуваше екстремно десничарската Алтернатива за Партијата на Германија (AфД).
Шолц изјави дека само германските граѓани имаат моќ да одлучат „по кој пат ќе тргне Германија“, по изборите закажани за 23 февруари, пишува Гардијан.
Тоа нема да биде одредено од сопствениците на социјалните мрежи, рече Шолц, додавајќи дека судбината на германското општество зависи од „огромното мнозинство разумни и пристојни луѓе“.
Иако директно не го спомна Маск или неговата платформа Икс, Шолц ја повика Германија да се спротивстави на манипулациите и да се бори за нејзината демократија.
– На крајот на краиштата, вообичаено е да се прават желби на Нова година. Мојата желба е да не дозволиме да нѐ свртат едни против други – рече Шолц.
Тој рече дека по нападот на божикниот пазар во Магдебург на 20 декември, во кој загинаа 5 лица, а повеќе од 200 беа повредени, има бран дезинформации на социјалните мрежи.
–Многу од тие гласини подоцна беа демантирани. Овие работи нѐ разделуваат и ослабуваат. Тоа не е добро за нашата земја – рече Шолц.
Портпаролката на канцеларот, Кристијана Хофман, го обвини Маск дека се обидува да се меша во изборниот процес во Германија откако американскиот претприемач постојано и отворено ја поддржуваше АфД, партија која германските власти ја означуваат како екстремистичка.
Маск на Икс тврдеше дека „само АфД може да ја спаси Германија“.
АфД во моментов е на второто место во анкетите со поддршка од околу 19%.