Во експлозија и пожар утрово се урна зграда во Хаг, Холандија, во која загина едно лице, три се повредени, а неколкумина се водат како исчезнати, изјави градоначалникот на градот Јан ван Занен.
На прес-конференција, тој посочи дека исчезнатите се веројатно затрупани под урнатините.
– Шансите да ги пронајдеме живи се многу мали – рече градоначалникот.
Причината за несреќата, која се случила околу 6 часот утрово по локално време, засега не е позната. Според првичните информации, се слушнала помала експлозија, по што следела поголема.
Полицијата апелира до сите што забележале сомнителни активности или имаат видео-снимки од местото на несреќата, да се јават со информации.
Фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат дека делот од зградата каде се наоѓале пет станови е целосно разрушен.
Премиерот Дик Шоф изрази шокираност и понуди помош за локалните власти.