Минувањето на црвено светло на семафор, освен со глоба од 300 евра, во иднина ќе се казнува и со одземање на возачката дозвола најмалку 3 месеци. Со тоа Македонија ќе биде меѓу европските земји со најстроги казни за овој прекршок.
Норвешка има најстроги казни во Европа за минување на црвено светло, со минимална глоба од 756 евра. Во Германија, пак, казната започнува од 90 евра, но може да достигне до 360 евра, зависно од последиците. Ова се некои од најстрогиоте казни во Европа за овој вид сообраќаен прекршок:
Одземање возачка дозвола и повторно полагање возачки испит
Измените во Законот за прекршоци и безбедност во сообраќајот, кои ќе важат најверојатно од почетокот на идната година, предвидуваа и забрзува и процесот на одземање возачка дозвола, но и други строги правила.
Така, по правосилноста на судската пресуда за одземање возачка дозвола, судот добива задолжение во рок од две недели да ја информира полицијата дека на возачот му е изречена забрана за управување. МВР за тоа ќе информира по електронски пат, со текстуална порака на мобилниот телефон или на електронската адреса, со известување дека осмиот ден од денот на испраќањето на известувањето ќе почне да тече изречената забрана.
Ако во време од 4 години дозволата ви била двапати одземена, повторно ќе се полага возачки испит.
Во повеќето европски земји, повторното полагање на возачкиот испит по одземање на дозволата е задолжително во случаи на сериозни или повторени прекршоци.
Во Германија, на пример, при одземање на возачката дозвола поради сериозни прекршоци, како што се возење под дејство на алкохол или дрога, или акумулирани 8 казнени поени, возачот мора да помине низ медицинско-психолошка проценка, позната како „тест за идиоти“. Овој процес вклучува психолошки интервјуа, тестови за реакција и, во некои случаи, докази за апстиненција од алкохол или дрога. Само по успешното завршување на проценката, возачот може да аплицира за нова дозвола. Во одредени случаи, може да биде потребно и повторно полагање на теоретскиот и практичниот дел од возачкиот испит.
Во Франција, ако возачот ги изгуби сите 12 казнени поени на својата дозвола, таа се смета за неважечка. За да ја врати, возачот мора да помине медицински и психотехнички прегледи, како и повторно да го положи теоретскиот дел од испитот. Ако дозволата е одземена за време на пробниот период, или ако е повторно одземена во рок од 5 години, возачот мора да ги положи и теоретскиот и практичниот дел од испитот. По враќањето на дозволата, возачот повторно влегува во пробен период со 6 поени.
Насмевни се, сликај се и – плати казна
Законот ќе го регулира и казнувањето со камери. Возачите кои сториле сообраќаен прекршок ќе добиваат електронски линк со фотографија и платен налог. Снимките ќе се чуваат 6 месеци, освен ако не служат како докази во кривична или прекршочна постапка.
Во многу европски земји масовно се воведуваат автоматски камери за следење на прекршоци, како минување на црвено светло, пречекорување на брзина, непрописно престројување и користење на мобилен телефон. Овие системи функционираат 24/7 и се поврзани со националните бази на податоци, што овозможува брза идентификација на прекршителите и автоматско испраќање на казни по пошта или преку дигитални платформи.
На пример, во Холандија и во Франција, казните изречени преку камери важат исто како оние од полицијата, а нема можност за предупредување. Во Ирска, од 2024 година е воведен нов систем на автоматски камери на семафори, преку кој се изрекуваат казни за минување на црвено и непочитување на пешачки премини. Казните стигнуваат на домашна адреса, а системот е докажано ефикасен во намалување на прекршоците.
Во Германија, Австрија и во Норвешка, ваквите камери се дел од националната стратегија за „визија нула“, односно целосно елиминирање на смртните случаи на патиштата. Освен фиксни, се користат и мобилни камери и дронови. Камерите често се поврзани со системи за казнени поени, па еден регистриран прекршок може да значи и загуба на поени или дури и суспензија на возачката дозвола.
Пешаци, моторџии и велосипедисти – заборавете на слушалки на ушите!
Во иднина, кај нас ќе се казнуваат и возачите на мотори, велосипеди и тротинети кои користат слушалки, смарт часовници или мобилен. Глобата ќе изнесува 50 евра.. За истиот прекршок, но со 40 евра, ќе се казнуваат и пешаците.
„Пешакот е должен кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред, со кои би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или лента“, се вели во законот.
Во Шпанија, слушањето музика преку слушалки додека се вози велосипед или електричен тротинет, е строго забрането и се казнува со глоба од 200 евра. Во Франција, казната за возење велосипед со слушалки може да достигне до 400 евра.
Во Полска, пешаците кои користат мобилен телефон додека преминуваат улица се казнуваат со 300 злоти (околу 72 долари). Во Косово, од април 2024 година, пешаците кои користат мобилен телефон или слушалки додека преминуваат улица се казнуваат со 50 евра. Во Литванија, казната за таков прекршок изнесува до 40 евра.
Во Италија, дозволено е користење на слушалка само во едно уво, додека другото мора да биде слободно. Казната за прекршување на ова правило изнесува 160 евра. Во Хрватска, дозволено е носење слушалка во едно уво, но не во двете.