Шест ипол милијарди евра планира да потроши Европската унија од својот буџет во постепената интеграција на Западен Балкан според планот за раст кој го претстави Европската комисија. За парите треба допрва да се расправа. Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет синоќа изјави дека земјите треба да ги почувствуваат придобивките од членството уште пред официјално да станат членки:
– Состанокот на самитот беше можност да се потврди дека иднината на Западен Балкан е во Европската унија – изјави Мишел по самитот на 27 членки на ЕУ и шест земји од Западен Балкан, пренесе Дојче Веле.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека планот се состои од четири столба.
Првиот е отворањето на европскиот внатрешен пазар за земјите од Западен Балкан во седум области, меѓу кои царинската политика, транспортот и роамингот.
Вториот столб предвидува формирање заеднички регионален пазар, кој би можел да го зголеми бруто домашниот производ на регионот за десет проценти.
Во третиот столб се очекува земјите од регионот да усвојат соодветни реформи кои ќе обезбедат еднакви услови за сите.
Четвртиот столб се инвестициите, објасни Фон дер Лајен.
Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека пристапувањето дава „историска можност“ за „закотвување“ на регионот во Европа „еднаш засекогаш“.
Жозеп Борел, шефот за надворешна политика на ЕУ, го нарече потенцијалното проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан „најважна безбедносна гаранција“ и ги повика земјите-членки брзо да се придвижат за да го донесат тоа.
– Она што треба да го направиме е да ги исполниме нашите ветувања и да избегнеме фрустрации и да ги исполниме очекувањата што се создадени – изјави Борел.
Денеска лидерите на ЕУ ќе се состанат на помал самит, а ќе разговараат за унгарската блокада на Украина.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски вчера од самитот изјави дека во ЕУ ќе се влегува според заслугите, а дека уставните измени кои треба да ги спроведе Македонија се неминовни.