Украина започна „систематски“ напори за „оживување на односите“ со Африка и намалување на руското влијание на континентот, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
„Многу години се изгубени, но ние ќе иницираме заживување на украинско-африканските односи“, рече Кулеба во интервју за АФП.
На тој континент му треба систематска и долгорочна работа, рече тој, додавајќи дека „Африка треба да се ослободи од руското влијание“.
Кулеба рече дека на Украина ќе и треба повеќе оружје од западните сојузници „додека не победи“ во борбата против руските сили.
„Додека не победиме, ќе ни треба повеќе (оружје), мора да продолжиме понатаму, бидејќи војната е реалност и во таа реалност треба да победиме. Друго решение нема“, додаде шефот на украинската дипломатија.
Според него, целта на контраофанзивата, која од јуни ја води армијата во Киев, е да се ослободи цела Украина.
„Нашата цел е победа, победа во форма на ослободување на нашите територии во границите од 1991 година. Колку и да трае тоа“, рече Кулеба.