Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Гергели Гуљас изјави дека барањето на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд за издавање налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е „неприфатливо“ и не може да се спроведе во Унгарија, пренесува Ал Џезира.
Гуљас на брифинг со новинарите рече дека иако Унгарија, цврст сојузник на Израел, го ратификувала Римскиот статут на МКС, тој „никогаш не бил дел од унгарскиот закон“, што значи дека ниту една од мерките на судот не може да се спроведе во Унгарија.
Обвинителот на МКС, Карим Кан, во понеделникот изјави дека побарал налози за апсење на израелскиот премиер, шефот на неговата одбрана и тројца лидери на Хамас за наводни воени злосторства.
„Оваа одлука… не е правна, туку политичка одлука, таа е неприфатлива и го дискредитира Меѓународниот кривичен суд“, рече Гуљас.
Сите 27 земји на Европската унија се членки на МКС, а високиот дипломат на ЕУ Жозеп Борел истакна дека „тие се обврзани да ги извршуваат одлуките на судот“.