Севернокорејските војници кои беа испратени во Русија за да помогнат во руската агресија врз Украина, за првпат имаат пристап до интернет, а го користат главно за гледање филмови за возрасни, пишува британскиот весник „Дејли Меил“.
Илјадници војници од Северна Кореја се распоредени во Русија за да ѝ помогнат на армијата на рускиот претседател Владимир Путин во нејзината борба против Украина.
Извештајот на колумнистот на „Фајненшл Тајмс“, Гидеон Рахман, откри дека војниците на Ким Јонг Ун во касарните најмногу време трошат на гледање порнографски филмови, бидејќи никогаш немале пристап до Интернет.
Портпаролот на американското Министерство за одбрана, мајор Чарли Диц рече дека не е во можност да потврди какви било севернокорејски интернет навики во Русија и дека тоа прашање треба да ѝ се постави на Москва.
Иако пристапот до Интернет во Северна Кореја е достапен за високи владини претставници, на мнозинството граѓани единствено им е дозволено да ја користат државната мрежа Квангмјонг, преку која не е можно да се пристапи до странски веб-страници.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров во интервју за јужнокорејската телевизија КБС изјави дека украинската армија се судрила со мала група севернокорејски војници во близина на руската граница.