Балони за ѓубре испратени од Северна Кореја паднале врз комплексот на претседателската канцеларија на Јужна Кореја, јавува новинската агенција Јонхап.
Други јужнокорејски медиуми објавија дека балоните не предизвикале никаква штета. АФП објави дека балоните го поттикнале Сеул да мобилизира тимови за хемиски одговор.
Ова е првпат јужнокорејскиот претседателски комплекс во центарот на Сеул, кој е заштитен со голем број војници и зона на забранети летови, директно да биде погоден од еден од неколкуте илјади балони исполнети со отпад што ги лансираше Пјонгјанг од мај.
„Тимот за хемиски, биолошки и радиолошки одговор безбедно ги собра балоните за отпадоци“, изјавија за АФП од претседателската служба за безбедност.
„По истрагата, резултатите потврдија дека нема [друга] опасност или контаминација на објектот.
Војската на Јужна Кореја претходно соопшти дека Северна Кореја испратила повеќе балони, најверојатно со ѓубре, кои летале северно од Сеул во средата наутро, откако ја преминале границата.
Тоа беше десетто вакво лансирање на Северна Кореја од крајот на мај. Повеќе од 2.000 големи балони досега донесоа отпадна хартија, парчиња ткаенина, догорчиња од цигари, па дури и ѓубриво во Јужна Кореја. Северна Кореја соопшти дека одговара на јужнокорејските активисти со фрлање политички летоци преку границата користејќи сопствени балони, пишува британскиот весник Гардијан.