More

    Северна Македонија забрзано старее, а ако продолжи загрижувачкиот тренд на иселување на младите, за десет години земјата може да се соочи со загрижувачки последици

    spot_img

    Северна Македонија забрзано старее, а ако продолжи загрижувачкиот тренд на иселување на младите, за десет години земјата може да се соочи со загрижувачки последици. Демографскиот аларм е одамна вклучен. Последната деценија се појавуваат трендови кои укажуваат дека вртоглаво се намалува бројот на младото население, поради што во државата остануваат пред сѐ  пензионерите, пишува Дојче веле.

    – Северна Македонија е старец на 74 или старица на возраст од 76 години – вели статистичарот Дончо Герасимовски кој за Дојче веле, со една реченица ги отсликува сите трендови коишто се случуваат во земјата последната декада.

    Според статистиката, жените во просек живеат две години подолго од мажите, па оттаму и просечната возраст на жените во Македонија е околу 76 години.

    Статистичките податоци јасно покажуваат дека Македонија како држава е во длабока демографска старост.

    – Староста се мери над 60-65 години со 12 проценти учество, а кај нас ќе стигне веќе 20%, што е двојно повеќе од она што е просекот во однос на возрасната структура на населението во една земја – укажува тој.

    Според податоците од пописот, од 2002 до 2021 година бројот на работоспособно население се намалил за 171.317 жители, или 12,4%, додека бројот на старо население над 65 години возраст, се зголемил за 17,2%  или за 101.619 лица. Најстаро население има во неколку скопски општини, како и во Битола, Прилеп, Велес, Охрид итн. Во Северна Македонија има и 51 лицe на возраст над 100 години.

    Демографска катастрофа

    На Северна Македонија ѝ се случува демографска катастрофа. Во поедини региони и општини состојбата е драматична поради намалување на наталитетот на живородени деца, а зголемување на морталитетот. Младите заминуваат, има села каде со години не се раѓа ниту по едно дете, има недостиг на ученици и во основните и во средните училишта, што може да доведе до нивно затворање.

    – Населението се намалува од 2019 година, но проблем е што наталитетот е намален за повеќе од 5.000 живородени деца, а морталитетот е зголемен за околу 3.500. Тоа доведува до негативни појави во однос на демографската состојба. Тоа е појава која што загрижува во однос на поедини региони и општини – вели Герасимовски.

    Според последните податоци од пописот и анализите за првите шест месеци од годинава, се покажува тренд на негативен природен прираст – населението се намалува во шест од вкупно осум региони во државата.

    – Исклучок претставуваат само Полошкиот и Скопскиот регион, со едно минимално зголемување на бројот на население од околу 200 до 250 жители, а во останатите шест региони тоа драстично се намалува – вели тој.

    Особено е загрижувачка ситуацијата во Пелагонискиот, Источниот и Југо-источниот регион. Во Пелагонискиот регион има негативен природен прираст за 1.400 – толку е намалено населението по природен пат, а има зголемување на ниво на државата во двата региони само за 350, што значи дека е за четири пати намален во Пелагонискиот регион. Ова доведува и до намалување на младото население, иднината и „моторната сила“ на државата, од која што се очекува просперитет и развој.

    Карта во еден правец

    Карактеристични е тоа што се намалува младото население – тоа пак предизвикува проблем во основните и во средните училишта. Има се помалку ученици, се затвараат училишта и тој негативен тренд се чувствува веќе втора деценија по ред. Ваквиот процес тешко може да се спречи.

    – За 15 години, има околу 50 илјади помалку ученици во основното училиште, а околу 30 илјади во средното училиште. Сега бараме во средните училишта да се запишат околу 30 илјади ученици во прва година во средното училиште. Имајќи предвид дека со години наназад основно образование завршуваат околу 19 илјади деца, каде ќе се најдат уште 11 илјади за да се пополни квотата за средно? – прашува Герасимовски. Во средното образование, пак, за 10- 15 години за околу 25 до 30 илјади е намален бројот на ученици.

    Особено во летниот период многумина Македонци, не само со карта во еден правец, туку заминуваат и на сезонска работа во регионот.

    – Секое заминување е ризик за земјата и шанса за тие што заминуваат да најдат подобра егзистенција. До што доведува тоа? Нашата младина си заминува, нашите стручњаци си заминуваат и сѐ повеќе се доведуваме во една полоша состојба во однос на потребата на пазарот на трудот. Ризикот е голем бидејќи со нивното заминување Македонија губи значајно работоспособно население. Секој ден сѐ помалку имаме лица коишто бараат работа, ние веќе не можеме да ја задоволиме потребата на пазарот на трудот, но покрај тоа проблем е и што нема таков стручен кадар кој што е потребен – вели Герасимовски.

    Бројните анкети и анализи изминатиот период посочија дека вработувањата само со партиска книшка, ниските плати, животниот стабдард, безнадежоста, незадоволството и неможноста да се напредува во струката, се дел од причините кои ги тераат младите да заминуваат во странство.

    Иселувачка треска

    Ако порано се иселувале најмногу од источниот дел на земјата, сега „иселувачката треска“ ги има зафатено и југозападниот дел.

    „Карактеристично е дека последниот период што ако тргнете во вечерните часови од Скопје кон Охрид и Струга ќе можете да забележите во колку од населените места покрај патот горат светилки во домовите. Се помалку има домови во кои некој живее. Во Струга, Дебар и Кичево има масовно иселување, што го покажа и последниот попис. Од 2021 година процесот уште позабрзано се одвива“, вели Герасимовски.

    Расте бројот на селата во земјата каде има сѐ помалку вклучени светилки, ролетните на куќите се спуштени, а домовите и дворовите се празни. За разлика од пописот во 2002 година, кога биле избројани 147 испразнети населени места, за 20 години, бројката е зголемена на 205. Последниот попис од 2022 година покажа дека во земјата има вкупно 1.781 населено место, а 205 се празни. Во дури 218 населени места има помалку од 10 жители.

    Селата Едеклерци, Јамуларци, Липов Дол, Скандалци, Сушево, Топлик, Хаџи-Реџепли, Шопур се места во кои одамна не се слуша детскиот џагор. Во штипскиот крај има дури 14 пусти села. Дел од жителите заминале или во поголемите населени места, или пак во странство. Слична е ситуацијата и во општина Новаци, каде за две децении се опустошени 13 населени места, додека во 12 кавадаречки села немаше ниту еден жител за да им отвори врата на попишувачите.

    Повеќе деца се раѓаат во странство отколку дома

    Внатрешноста на Северна Македонија драматично се празни, додека Скопје и околните места изминативе две децении добиле нови станари. Над 60 општини во земјата имаат изгубено голем процент од своето население, дел со внатрешни, а дел и со надворешни миграции. Најдраматична е ситуацијата во Центар Жупа, Маврово и Ростуша и Ново Село кои изгубиле од 39 до 42 проценти од последниот попис од пред 20 години.

    Во земјата има околу 240 села во кои има до 10 жители и 40 население места со по двајца жители. Има општини каде што  населението живее претежно во градските средини – некаде околу 62 проценти од населението е заминато во градовите.

    – На пример во Дебарца има 30 населени места со по три илјади жители , каде изминатиот период се евидентирани по три до пет новороденчиња. Тоа значи дека во десет села во просек по едно дете се раѓа – анализира Герасимовски.

    Следејќи ги ваквите трендови во подолг временски период, Герасимовски вели дека последните две децении, бројот на живородени деца во земјата опаѓа, а расте на оние кои се раѓаат во странство. Некаде во период од десетина години наназад има околу 6.000 живородени деца во странство.

    „Сива бројка“

    Земјата сѐ уште нема прецизни податоци за бројот на иселувањата. Проценките се базираат најмногу на податоците коишто ги објавуваат Евростат, ОН и Светска банка и тие укажуваат дека околу 700 илјади граѓани се иселени надвор од државата, вели Герасимовски.

    Состојбите со иселувањата се слични и во регионот. На пример, Бугарија годишно губи околу 100 илјади население по природен пат. Албанија е испразнета со еден милион жители, а трендовите на иселување се присутни и во Србија , Хрватска и Словенија, кои ревносно водат евиденција за населението коешто ја напушта земјата.

    – Кај нас иако сите со пасоши ја напуштаат земјата – по евиденцијата реално “не знаеме дали сме заминале или сме се вратиле“. За разлика од 60-тите години, кога постарите заминувале за да заработат пари и веднаш се враќале дома за да обезбедат егзистенција на семејството, сега ретко кој се враќа. Забрзано одиме кон тоа да има повеќе македонско население надвор, отколку во земјата – укажува статистичарот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img