Сериозно предупредување на економисти пред извештајот на Светска банка

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Постојаниот раст на каматните стапки во САД и во Европската унија може да доведе до продлабочување на економската криза во светот, а пред се во земјите во развој. Одлуките што ќе ги донесат следната недела Американската централна банка (ФЕД) и Европската централна банка (ЕЦБ), ќе ја обликуваат иднината на разнишаната светска економија, која се соочува со постојана инфлација, пишува „Вашингтон пост“.

Новите песимистички очекувања доаѓаат откако САД избегнаа финансиска катастрофа минатата недела, кога во последен момент беше постигнат договор за зголемување на горната граница на американскиот долг.

Но, другите ризици за светската економија остануваат: кинеското отворање по неколкугодишната политика на „нулти ковид“ почнува да забавува, додека германската економија е на работ на рецесија.

Дури и во САД, чија економија досега се покажа како прилично отпорна, повеќето аналитичари очекуваат таа да тргне по надолна линија во следните неколку месеци.

Светската банка во четврток треба да го објави својот извештај, а се очекува во него да има предупредување дека на светската економија и се заканува забавување поради зголемувањето на каматите. Се предвидува глобалниот економски раст да падне на „анемични“ 2,1 отсто, во споредба со 3,1 отсто во 2022 година и да остане слаб во текот на следната година.

Да се ​​зголеми каматната стапка или не?

Инвеститорите сега се фокусирани на тоа колку работа им преостана на ФЕД и на ЕЦБ за да се борат против инфлацијата, која падна во однос на минатогодишните рекорди, но останува повисока отколку во нормални околности.

Претставниците на Федералните резерви посочија дека може да паузираат со зголемувањето на каматните стапки на нивниот следен состанок, откако тие се зголемуваа со незапамтена брзина во изминатите 14 месеци.

„Ризикот во двете одлуки (да се зголеми каматната стапка или не) е висок, како што е секогаш случај во време на висока инфлација. Постои шанса да се претера“, вели економистката Кети Бостјанчиќ.

- Advertisement -
Ad image

Доколку централните банки ги зголемат каматните стапки премногу високо, САД и Европа би можеле да паднат во рецесија. Но, доколку не ги подигнат доволно, инфлацијата ќе продолжи да го намалува животниот стандард на граѓаните.

Тешко е да се најде рамнотежа меѓу тие две крајности. Во САД, претставници на Федералните резерви тврдат дека целосните ефекти од зголемувањето на каматните стапки сè уште не се чувствуваат.

Додека ФЕД размислува дали да ги зголеми каматните стапки, тие мора да ги земат предвид другите сили кои влијаат на рецесијата, како што се построгите услови за кредитирање поради нестабилноста во банкарскиот систем и намаленото трошење на федералната влада на САД што беше договорено како дел од договорот да се зголеми лимитот на американскиот долг.

- Advertisement -
Ad image

Во Европа, инфлацијата на годишна основа падна на 6,1% во мај, од 7% во април. Трошоците за енергија паѓаат, но цените на храната, тутунот и алкохолот растат со двоцифрен процент на годишно ниво, покажуваат резултатите на Европската агенција за статистика.

Светска банка укажува дека високите каматни стапки влијаат и на големите и на малите економии. Кога ФЕД ги зголемува каматните стапки, тоа ја забавува американската економија бидејќи станува поскапо за бизнисите и поединците да позајмуваат пари. Ова ја намалува побарувачката за стоки во остатокот од светот, што влијае на глобалниот раст.

Приливот на капитал во САД ја зголемува вредноста на доларот, што го прави поскап за странските влади и бизниси да ги враќаат заемите во таа валута.

Два проблема за Европа

Прелевањето на политиката на ФЕД може да доведе до финансиска криза во чувствителните земји во развој, кои позајмиле големи суми пари во изминатите три години за да се справат со последиците од пандемијата на корона вирусот. „Светската економија е во нестабилна позиција“, предупреди Светска банка.

Резултатите од кинеската економија, која ја релаксира својата строга политика „нулта ковид“ во декември, се мешани. Кинеската економија порасна за 4,5 отсто во првиот квартал, но неодамна благо забави.

Американската економија досега ги избегнуваше мрачните прогнози дека ќе западне во рецесија, додека во мај се отворени околу 339.000 нови работни места, пишува „Вашингтон пост“.

Во Европа, каде што инфлацијата е повисока, а економскиот раст е побавен, земјите се соочуваат со два проблема. Тие се обидуваат да најдат нови извори на енергија по воведувањето санкции против Русија, а истовремено да го „намалат ризикот“ во трговијата со Кина, посочуваат економските аналитичари.

И ФЕД и ЕЦБ се посветени на справување со инфлацијата, што значи дека каматните стапки би можеле да продолжат да растат.

Share This Article