Сензорите и електронските делови од првиот осомничен кинески шпионски балон соборен над САД беа пронајдени во Атлантскиот Океан, соопшти американската војска. „Големи делови од структурата“ исто така беа пронајдени во понеделникот во близина на брегот на Јужна Каролина, велат воените власти, пренесува Би-Би-Си.
Околу 9 до 12 метри од антената на балонот се меѓу пронајдените предмети, според Си-Би-Ес, американскиот партнер на Би-Би-Си.
САД соборија уште три објекти од првиот на 4 февруари. Последниот од нив имаше октоганална форма, а сите три, за разлика од балонот, биле помалечки од него и не личеле на балон.
Колкава е навистина нивната големина? Вториот објект, над Алјаска, официјалните лица го опишаа со големина на „мал автомобил“. Третиот објект, над Јукон, бил „цилиндричен“. И четвртиот, над Мичиген, се вели дека е „октагонален“ со прикачени жици.
А колку тежат незнајните објекти? Генерал-мајорот на канадските вооружени сили, Пол Превост, рече дека сите три од најновите објекти што биле соборени се чини дека се машини „полесни од воздухот“.
ФБИ ги испитува предметите, за кои САД велат дека биле користени за шпионирање чувствителни воени локации. Американските власти рекоа дека балонот на голема височина потекнува од Кина и се користел за надзор, но Кина рече дека тоа е само воздушен брод за следење на временските услови кој залутал.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, инсистираше на тоа дека нема докази дека се работи за вонземјани. Ова дојде како одговор на претходните наоди на американската војска дека не би ја исклучиле ниту можноста неидентификуваните објекти да бидат вонземски.
Наспроти американските тврдења дека Кина врши разузнавачка операција низ целиот свет, кинеското МНР вчера изјави дека Американците лани барем 10 пати летале свои разузнавачки балони над Кина.