Новак Ѓоковиќ денес е најдобар тенисер во светот, урива рекорди и заработува милиони. Но, на почетокот на неговата кариера сето тоа изгледало многу далечно, а работите не оделе ни лесно, ни едноставно. Познато е дека Ѓоковиќ и неговото семејство се соочувале со многу проблеми за да обезбдат пари за да се развива неговата тениска кариера. И познато е што се жртвувал неговиот татко, Срѓан Ѓоковиќ за да може неговиот син да тренира тенис и да успее.
Тој во еден период и се обратил и на познатата пејачка Лепа Брена и побарал да му помогне на Новак кога бил на почеток на кариерата, пред повеќе од 17 години. Но, таа ги одбила.
Новак Ѓоковиќ со денови е во фокусот на јавноста по освојувањето на Ролан Гарос и рекордната 23.Гран слем титула со која стана најуспешен во историјата на белиот спорт. Новиот успех на светскиот рекет број еден беше повод српските медиуми да потсетат на оваа приказна од почетокот на неговата кариера кога славната Лепа Брена во него не ја препознала идната тениска ѕвезда.
Брена која три децении е во брак со поранешниот тенисер Слободан Боба Живојиновиќ, наводно изјавила дека не е експерт за тенис и дека затоа не сакала „да вложи“ во денес најдобриот тенисер во светот.
– Не сум тениски експерт и не знам за таков вид на понуда, но знам дека треба да бидеш пријател и да имаш доверба во оној со кој започнуваш бизнис, што не беше случај тогаш. Го сакаме, го цениме и го почитуваме Новак, како и неговото семејство. Тој е најсветлиот пример за прекрасен и успешен човек. Му посакуваме да му се остварат сите соништа бидејќи тоа го заслужува – изјавила тогаш Брена, пренесува српскиот портал Ало.