Претседателот на Собранието Талат Џафери ја откажа седницата на Постојаната анкетна комисија во Собранието. На дневен ред беа точките за тетовската модуларна болница, трагедијата во Бугарија и жалбата на вработен во Министерството за одбрана. Според првиот човек на комисијата, Халил Снопче, откажувањето на седницата е прекршок за кој ќе следи одговорност.
Семејствата на жртвите што ги загубија животите во автобуската трагедија во Бугарија, во допис до медиумите прашуваат кого сака да заштити претседателот на Собранитео и зошто не дозволува собраниска истрага за случајот.
„Ние, семејствата на жртвите кои ги загубија животите во автобуската трагедија во Бугарија, сега кога веќе ги немаме нашите најблиски, ја бараме само вистината и правдата. Сега кога веќе ги немаме нашите најблиски, ги бараме само вистината и правдата. За таа цел, побаравме Анкетната комисија во Собранието да одржи состанок за човековите права и слободи. Но, денеска добивме одговор дека оваа средба, иако ја свика претседателот на Комисијата, Халил Снопче, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја откажа“, се наведува во дописот.
Семејствата на жртвите во трагичната несреќа нагласуваат дека бараат само вистина и правда.
„Денеска господинот Џафери уште повеќе ни ја отежна болката и јавно го прашуваме зошто му смета вистината, кого сака да заштити и зошто не дозволува собраниска истрага“, се наведува во реакцијата на семејствата.