Познатата пејачка Селин Дион покажа како изгледаат нападите од ретката болест што ѝ беше дијагностицирана во 2022 година, а пренесува Дејли меjл.
Расплакана, со вцрвенето лице, во грч и во болка, таа беше снимана при 10-минутниот болен напад, прикажан во новите сцени од документарниот филм во кој славната пејачка ги открива деталите од битката со болеста. Имено, на Селин ѝ беше дијагностицирано ретко невролошко нарушување, познато како синдром на вкочанета личност.
На видеото се гледа како канадската пејачка тешко дише додека медицинските лица се обидуваат да ги ублажат болните мускулни грчеви. На Селин ѝ даваат спреј за нос, кој најчесто се користи за лекување на напади кај заболени од оваа болест.
Пејачката беспомошно гледа како лекарите ја ставаат во удобна положба, а за цело време нејзините раце и боси стапала остануваат вкочанети. Откако ѝ помогнаа, пејачката конечно можеше да седне исправено и да се покрие со ќебе пред да признае пред камерите дека е засрамена што ја изгубила контролата над телото.
– Секогаш кога ќе се случи нешто вакво, се чувствувам толку засрамено и така… Не знам како да го изразам тоа… знаете, кога не можете да го контролирате сопственото тело – вели пејачката.
Емотивната Дион се скрши пред камера, признавајќи дека не се откажала од продолжувањето на нејзината кариера, доколку тоа е можно во некој момент во иднина.
– Се уште се гледам како танцувам и пеам. Секогаш наоѓам план Б и план Ц, знаете. Тоа сум јас. Ако не можам да трчам, ќе одам. Ако не можам да одам, ќе ползам. Но, нема да престанам. Нема да престанам – додала таа.
Режисерката Ајрин Тејлор изјави за една новинска агенција дека размислувала дали да ја сними Дион кога ненадејно почнал нападот, но решила да продолжи бидејќи пејачката ѝ рекла дека „не мора да бара дозвола за снимање што било“.
Тејлор додала дека по ужасниот напад, Дион успеала да отпее прекрасна песна и си заминала во многу добро расположение.
– Ми ја подаде раката и сакаше да замине со автомобилот, па ја подаде раката низ прозорецот и рече: „Не грижи се за тоа што се случи“. Можеби тоа покажа колку сум вознемирена, а таа сакаше да ми покаже дека е добро – изјавила режисерката.