Секој Непалец треба да има жирант кој ќе гарантира дека нема да избега од Македонија

Lorita
By Lorita 8 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Доаѓаат да работат во македонски компании од Непал, Индија, Бангладеш и потоа одлучуваат преку легални или илегални канали да заминат во некоја од побогатите европски земји за повисока заработка. Македонските компании станаа попатна станица за вработувањето на странските државјани во европските земји, а за увоз на работници плаќаат и до 2.000 евра, обезбедуваат нивно сместување и редовни плати.

Веќе неколку месеци полициските билтени изобилуваат со пријави од работодавачи дека странски работници, главно од Непал без најави ги напуштиле работните места и живеалиштата во кои биле сместени.

Заминувањето на работниците од Непал не треба да се гледа како причина да се запре со увозот на работници во земјава, но агенциите кои ги увезуваат треба да најдат механизам како да ги условат тие да останат подолг период, велат работодавачи.

Тие бараат земјава да подготви стратегија за увоз на работници и законски да им дозволи на агенциите за вработување во странство да можат да посредуваат за вработување странци во земјава. Притоа да се изградат критериуми за увоз на квалитетен кадар и да се создадат механизми како овие работници би се задржале подолго на работа во домашните компании.

Сега увозот на работници компаниите го договараат со странски агенции или преку поединци кои многу често не гарантираат дека странците и ќе останат да работат во македонските компании.

Главна причина за заминување на овие работници, според работодавачите, е тоа што тие ја имале таа намера пред да дојдат во земјава и ја искористиле можноста прво да дојдат на европски терен, па потоа да заминат на дестинацијата која ја сакале.

– Жителите на Непал можат да патуваат во Европа и многу лесно ја поминуваат нашата граница поради тоа. Ги има на работа во повеќе европски земји, па ако сакаат и тие што работат во земјава можат да си заминат како и сите други. Движењето на работната сила не ја засега само земјава, туку и цела Европа. Но ова не значи дека земјава треба да го запре увозот на работници од странство бидејќи не увезуваме само од Непал, туку и од други земји – вели Маријана Перковска од текстилниот кластер.

Но, вели таа, агенциите кои носат странски работници треба да бидат попрофесионални и да гарантираат дека одреден период овие работници ќе се задржат во земјава, бидејќи увозот на работници не е само потреба на компаниите, туку тие и трошат големи суми пари да ги обезбедат.

– Сметам дека агенциите преку кои доаѓаат овие работници треба да направат заштитни механизми со кои ќе ги условат тие одреден период да се задржат во земјата или да им платат отштета на работодавачите кај кои дошле да работат. На пример, агенциите кои го организираат увозот на работници од Бангладеш прават договори со нивните роднини, ако тие ја напуштат земјата нивните роднини ќе треба да ја платат штетата – вели Перковска.

- Advertisement -
Ad image

Според неа, земјава речиси и да нема домашен кадар на располагање, па запирањето на увозот на работници би значело и затворање на фирмите кои имаат голем недостиг од работна сила.

– Реално кај нас нема работна сила. Ние ќе бидеме позадоволни ако ја имаме, но за жал сме една од земјите од каде што работната сила мигрира и затоа е потребно зголемување на квотите за увоз на работници и да се направат олеснувања за побрз увоз на работници како единствен излез од лошата состојба поради одливот на кадар во странство. Да потсетам некои европски земји, на пример Германија направи огромни измени на регулативата за да им овозможи на компаниите да обезбедат странски работници од Балканот. Така ја олесни процедурата за добивање работна виза и се откажа и критериумите да се познавањето на јазикот. Ние сè уште се занимаваме со квоти и тешки процедури за да донесеме работник од странство – вели Перковска.

Таа нагласува дека со увозот на кадар, на компаниите им се зголемуваат трошоците, но вели дека тоа е природен процес, а компаниите мора да се приспособат на тоа. За увоз на работници некои компании плаќаат и до 2.000 евра, обезбедуваат сместување и плати еднакви со тие на домашните работници.

- Advertisement -
Ad image

– Добро е што овие работници се многу посветени во работата, попродуктивни се од домашните работници и затоа се поскапи – вели таа.

Земјава, според неа, треба да направи посебна стратегија за одржување во живот на фирмите со увоз на работници од странство.

Иако, прашањето за увоз на работници како проблематика го имаше спознаено претходната влада, таа речиси ништо не направи за да го олесни вработувањето на странци освен тоа што ги зголеми квотите, а законските процедури останаа непроменети.

Апелот на агенциите за посредување при вработување во странство да се реши законски прашањето со посредување при вработување на странци во земјава не даде резултати, па и сега компаниите ги обезбедуваат работниците како знаат и умеат.

– Регрутацијата наместо на агенции кои имаат лиценци ја прават луѓе од улица, кои влегуваат во меѓународните води каде миграцијата е постојана. За вработување лица од Непал нудат пари. Тоа е невозможно. Ако некој треба да ги покрие трошоците за тие лица, тоа е самиот работодавач од Македонија – изјави Зоран Кочоски од агенцијата „Коузон“ за Сител.

Тој во изминатиот период направи анализа на законите и потребните измени на законите за побрз увоз на работници која ја достави до коморите и до владата, но немаше реакција.

Лани земјава ја зголеми квотата на увоз на работници од странство од 5.000 на 7.000 годишно колку што е дозволено и за годинава иако процените на компаниите се дека годишните потреби од работници се околу 10.000 работници во сите сектори.

Лани, според податоците од Агенцијата за вработување, до ноември се издадени 4.794 дозволи за работа на странци, а биле поднесени 5.307 барања. Во земјава најмногу странски работници има од Турција, Косово, Србија и Албанија, од Индија, Непал и од Бангладеш.

Според податоците на Агенцијата за вработување, сега има повеќе од 6.600 слободни работни места, 101.510 луѓе се евидентирани како невработени. Најмногу од нив се регистрирани во Скопје, Тетово и во Куманово. Повеќе од 41.000 од нив се на старост над 50 години. Дури 60.863 се без образование или само со основно образование.

Годишно покрај останатиот кадар кој трајно ја напушта земјава заминуваат и по 2.500 високообразовани лица.

Share This Article