Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска порача дека Град Скопје треба да го реши проблемот со приватните автобуски превозници, а евентуалното одземање на ингеренциите на градските власти би било враќање 20 години назад во процесот на децентрализација.
Битиќи во одговор на новинарско прашање рече дека Владата е секогаш тука за граѓаните но, како што посочи, одземањето на ингеренциите на Градот значи влегување во суштински и системски промени и би било на штета, не само на граѓаните на Скопје, туку и на целокупното функционирање на системот. Тоа, потенцира, би значело враќање 20 години назад во борбата за децентрализација.
– Јавниот превоз во Градот Скопје е во ингеренции на Градот Скопје и по закон. Сметам дека Град Скопје треба да се одважи и конечно да седне да го решат проблемот. Ако не е возможно, ние докажавме дека секогаш сме тука за граѓаните. Го решивме проблемот со топлинската енергија, го решаваме проблемот со електричната енергија во целата држава и можеби ќе влеземе веќе во преговори, но тогаш ќе значи нешто друго – дали е тоа и одземање на ингеренции за Градот Скопје, влегување во суштински и системски промени, не знам, затоа што вакво однесување на надлежните сметам дека се на штета не само на граѓаните на град Скопје, туку и на целокупното функционирање на системот – изјави Битиќи.
Дополни дека не е едноставен процесот на одземање ингеренции и порача дека никој нема штета од разговори.
– Ние се бориме последните 20 години за децентрализација. Тоа е во суштина одлика на големите развојни држави. Одземањето ингеренции е враќање назад за 20 години. Ние повикуваме на разум, повикуваме дека никој нема штета од разговори. Секако Градот Скопје си има свои аргументи зошто смета дека се изманипулирани и дека се уценувани, превозниците имаат свои аргументи – нагласи вицепремиерот.
Приватните автобуски превозници и денеска ги продолжија протестите блокада на булеварот Илинден околу Градот Скопје. Тие започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември, кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ Мавровка, односно булеварите Гоце Делчев и Крсте Петков Мисирков, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа. Откако немаше исход, на 5. месецов направија поголема блокада со поставување околу 200 автобуси на неколку главни точки во главниот град, крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и булеварот Илинден. Во петокот ги одблокираа крстосниците кај Мавровка и Црвениот крст, и останаа да протестираат на булеварот Илинден во околината на Град Скопје.